АНДОН САРАМАНДОВ ЗА ТВ НОВА 12 :ЌЕ ЈА ОПРАВДАМ ДОВЕРБАТА ОД ГРАЃАНИТЕ, НАМЕСТО ЛИЧНИОТ, МОЈОТ ТИМ ЌЕ ГО ГЛЕДА ОПШТИОТ ИНТЕРЕС НА СИТЕ ГРАЃАНИ.

СИТЕ ДОБРИ ПРЕДЛОЗИ ОД СОВЕТНИЦИТЕ ЌЕ БИДАТ ПРИФАТЕНИ БЕЗ РАЗЛИКА НА ПАРТИСКАТА ПРИПАДНОСТ. ОЧЕКУВАМ ПОВЕЌЕ РАБОТА А ПОМАЛКУ ДЕСТРУКЦИЈА
ЌЕ СЕ ЗАЛАГАМ ЗА МОТИВИРАНА И ЕФИКАСНА АДМИНИСТРАЦИЈА ВО ИНТЕРЕС НА ГРАЃАНИТЕ
-Се надевам и очекувам дека ќе ја оправдам довербата од граѓаните што ми ја дадоа на локалните избори. На овие избори граѓаните јасно покажаа дека сакаат промени. Големиот број освоени гласови за мене претставува и голема одговорност и предизвик, како за мене, така и за мојот тим. Значи ние треба да работиме и да ги задоволиме барањата и интересот на граѓаните, изјави градоначалникот на Општина Гевгелија Андон Сарамандов, во првото интервју за ТВ Нова, по стапувањето на градоначалничката функција..
-Поради оправдани причини и решението за изолација, првиот работен ден го имав дури вчера, така што не можев да присуствувам претходно на конститутивната седница на Советот на општина Гевгелија. Но, затоа во текот на вчерашниот ден се одржа и успешно заврши втората седница, на која согласно законските прописи, навреме беа донесени ребалансот на Буџетот на Општина Гевгелија и Планот на програмите за развој во 2022 година. Секако, имав и повеќе средби со вработените во општинската администрација, како и протоколарни средби.
Многу од новоизбраните градоначалници почнаа со чистење на јавните површини, за Гевгелија посебно претставува проблем Старата депонија?
-Секоја општина има свои специфики, точно, Старата депонија претставува сериозен проблем, поради што веќе ја посетив новата Времена депонија и очекувам до крајот на годината да профункционира. Во меѓувреме, стартуваат изведбените работи за ревитализација на Старата депонија кај Сува река.
Во својата изборна кампања се залагавте за четири носечки столбови во развојот на општината. Кои се приоритетните проекти што ќе ги реализирате во првата година од Вашиот мандат?
-Како што веќе реков – профункционирањето на Времената депонија, потоа, асфалтирањето на сообраќајницата во Милци, која ќе обезбеди алтернативно поврзување на Гевгелија со граничниот премин Богородица. Исто така, доизградба на последната делница од патот за Ума, како и започнување со реконсктрукцијата на Младинскиот дом во Прдејци. Со Ребалансот на буџетот што беше усвоен вчера, предвидни се средства за реконструкција на спортската сала ДТВ Партизан и за ревитализација на зелените површини. Од приоритетните проекти би ги издвоил проектите што ќе се реализираат со доделениот грант од KFW банката, и тоа, водоводни линии за Богородица и граничниот премин, за Негорци и Прдејци, сепарација на постојната канализациона мрежа и изградба на атмосферска канализација во јужниот дел од градот, на потегот од Динќут до железничкиот мост на Сува река, како и дигителна опрема за ЈПКД„Комуналец“. Во најскоро време треба да биде потпишан договорот за изведба по завршената тендерска постапка.
На Советот на Општина Гевгелија, честитајќи им на изборот на новите советници, рековте дека очекувате од нив предлози?
-Посебно потенцирав дека очекувам од членовите на Советот на Општината, без разлика на партиската определеност, конкретни идеји и предлози, сите добри предлози ќе бидат прифатени, бидејќи нашата цел е единствена и заедничка – да работиме за доброто на граѓаните. Се залагам за помалку деструктивност, а повеќе успешна работа.
Во врска пак со работата на општинската администрација, локалните јавни установи и претпријатија, градоначалникот Сарамандов рече дека институциите секогаш можат да работат и подобро. Во текот на изборната кампања се залагав за мотивирана и ефикасна администрација, која ќе работи во интерес на граѓаните. Ќе настојувам ваквата определба до крај да ја спроведам.
-Во моето работење нема да се водам од начелото за себе или за интертесите на тесен круг на луѓе, напротив, ќе се залагам за транспарентност, отчетност и одговорност. Притоа, секогаш имајќи го предвид мотото што го промовираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски: Заеднички да работиме за доброто на нашите граѓани, рече во своето прво интервју за ТВ Нова, градоначалникот на Општина Гевгелија Андон Сарамандов.
 
 
 
 
 
 

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *