Денеска, недела, 6-ти февруари 2022 година, Неделата на Закхеј, во црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Гевгелија се служеше Света архиерејска литургија и беа осветени обновените административни Црковни простории. Со свечената литургија, во сослужение со свештенството на Гевгелиското архиерејско намесништво, чиноначалствуваше Неговото Високо Преосвештенство, Митрополитот Повардарски, господин Агатангел.
Во текот на литургијата владиката Агатангел обраќајки им се на собраните верници, посака љубовта кон Христа и своите ближни да не опкружува секој ден, а ние, Македонците, како народ, рече Агатангел, ги имаме Христовите плодови во срцата. Затоа, и денес кога се подготвуваме за Великите пости, посакуваме господ Исус Христос да ни даде солзи на покајание и да ни ги очисти душите и совеста од нашите гревови, заврши Агатангел.
Освен што се осветија новите Црковни простории, отец Русе Жековски беше назначен за прота Русе Жековски, а во знак на благодарност за стореното досега, Гевгелиското архиерејско намесништво, на Митрополитот Повардарски, господин Агатангел му подари панаѓија.