Денес, на последниот ден од септември, православните христијани ги празнуваат светите маченички Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија.
Овој празник е посветен на жените и нивните деца, првенствено на ќерките. Се верува дека утре девојчињата треба да се израдуваат со некој подарок, колку и скромен да е тој. Подарокот може да биде и нематеријален, барем посветете им го целото внимание и покажете им колку ги сакате.
Четирите светици уживаат голем култ и голема почит кај македонскиот народ. На денешен ден се празнува споменот на познатата Римјанка Софија, која своите ќерки ги воспитала да имаат вера во себеси и во Бога, да имаат надеж во неговата добрина и љубов кон ближните и кон Севишниот.
Кај нашиот народ е познато заколнувањето во вера, надеж и љубов. Четирите светици биле личности за кои христијанството тврди дека постоеле и во чија слава го одбележуваме утрешниот празник.
Светите маченици Вера, Нада и Љубов живееле во Рим во време на царот Адријан, кој наредил нивно мачење, а потоа им изрекол и смртна казна.
Тие трите уште како деца биле обвинети поради тоа што проповедале христијанство. Вера тогаш имала само 12 година, Нада 10, а Љубов 8 години. Мачителите по тој редослед најпрво ги мачеле, а потоа и убиле една по една.