Македонската православна црква на 21 септември го обележува раѓањето на пресвета Богородица, празник што се вика и Мала Богородица. Овој ден се вбројува во 36-те големи празници во црковниот календар обележан со црвени букви.
Марија била родена во Назарет во семејството на татко ѝ Јоаким, кој бил од племето на Давид, и мајка ѝ Ана, од родот Аронов. Па така, по татко нејзиното потекло царско, а по мајка архијерејско.
Уште на три години, Марија била одведена во ерусалимскиот храм, а од седмата година живеела во богослужба, со молитва, мануелна работа и читање на Светото писмо.
На 15 години примила вест од архангелот Гаврил дека ќе го роди синот божји, а на 40-от ден по раѓањето на Христос, го однела во храм. Триесетте години што ги опишуваат евангелијата, Марија ги поминала во Назарет, а Исус го следела на патот до распетието.
По неговото вознесување, живеела уште 24 години, ги лекувала болните, им помагала на сиромашните и вдовиците. Според преданието, кога била положена во гробот, станала невидлива.
Жените на овој ден не би требало да средуваат по дома, да перат алишта и да извршуваат други слични домашни работи. Постои верување дека на Мала Богородица не треба да се извршуваат никакви обврски што подразбираат работа со раце. На Мала Богородица, наводно не е добро ни да се започнуваат нови работи, туку тоа треба да се одложи за некој од наредните денови.