На 3 септември 1901 година, на патот од Банско за Симитли, кај месноста Потпрена Скала, македонски револуционери на чело со Јане Сандански, Христо Чернопеев и Крсто Асенов ги грабнаа американската мисионерка мис Елен Стон и нејзината придружничка Катерина Стефанова Цилка, Бугарка, а со цел да се обезбедат пари за националноослободителното движење.
За ослободувањето на грабнатите Организацијата доби 14.000 турски лири, што ги употреби за купување на оружје.
Преговорите за исплата на откупот и за ослободување на заложничките траеле 6 месеци. Почетниот износ на средствата за откуп бил определен на 25.000 турски лири.
Пленетите мисионерки биле ослободени на 23 февруари 1902 г. во с. Градашорци – Струмичко, а потоа испратени до Протестантската црква во Струмица, каде што стигнала заедно со Цилка и бебето. Потоа со коњи, заедно со Катерина Цилка и бебето, биле префрлени до станицата во Удово и со воз заминале за Солун, каде што мис Стон после еден месец, со брод заминала за Америка.
Следните две и пол децении продолжува со својата мисионерска мисија, патува низ земјата и преку јавни настапи ја запознава американската јавност со маките и страдањата на македонскиот народ, а во меѓувреме ја објавува и книгата за настаните поврзани со Македонија, заедно со спомените за шесте месеци поминати со четата Јана Сандански. Живеела 81 година.
Дека мис Стон и Македонија остануваат блиски, а дел од македонската историја неразделно поврзана со нејзиното име, зборува и податокот што на нејзиниот гроб редовно може да се забележи цвеќе, а често и мали, македонски знаменца, кои зборуваат за вечната врска меѓу неа и Македонија.
Според документите што ги објави Државниот архив на Македонија, може да се заклучи дека оваа шестмесечна афера била всушност првата „заложничка криза“ со која се соочиле САД.
Станува збор за настан што го свртел вниманието на јавноста во глобални рамки, а мемоарите на мис Стон, кои потоа во продолженија излегувале во американските и англиските весници, придонеле со аферата детално да се запознае јавноста во САД и Европа, иако вистинските извршители на акцијата останале непознати за османлиските власти.
Во акцијата за грабнување на Елени Стоун учествува и Стефан Мандалов- Манданата Тој е роден во селото Стојаково, Гевгелиско. Бил син на Тано и Векија.
Во Стојаково се доселиле едно колено пред тоа, кога во селото дошол Гого Менкавчин, кој според Ристо Стамков, творец на монографијата Стефан Мандалов-Манданата, купил неколку биволи за подобро да ја обработува земјата.
Бидејќи бивол на турски се викало ‘мандана’, во семејството се вселил овој прекар кој подоцна стана славен. Филмот „Мис Стон“ останува запаметен по изречениот благослов токму на Манданата, на новороденчето Елена на Каттерина Цилка, во брилјантна изведба на Петре Прличко.
Влегува во редовите на ВМОРО во 1900 година во четата на Христо Чернопеев. Учествува во Аферата мис Стон. Подоцна станува самостоен војвода. Загинува во септември 1903 година во периодот на Илинденското востание во близина на селото Мишино, Кочанско.
Последните негови зборови биле:
Кажете ѝ на Македонија, дека јас си го исполнив долгот; да живее слободна Македонија.