ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ГОРДАНА СИЉАНОВСКА ДАВКОВА ОД ПЕЛИНЦЕ:
„ВО МИНАТОТО, МЛАДИТЕ СЕ ЖРТВУВАА ЗА НАШАТА СЛОБОДА. ДЕНЕС, НИЕ МОРА ДА СЕ ЖРТВУВАМЕ ЗА НИВНАТА ИДНИНА ОВДЕ, ВО НОВАТА ЧЕТВРТА МАКЕДОНСКА РЕПУБЛИКА
Илинден е ден на светлината и на слободата. На овој празник над празниците се потсетуваме на двете етапи на вековната македонска борба за слобода и за државност. На овој ден над деновите се сеќаваме на двете илинденски поколенија – на Гоце Делчев и на Кузман Јосифовски-Питу, на Никола Карев и на Методија Андонов-Ченто. А таа силна врска меѓу двете етапи и двете генерации најдобро ја изрази Панко Брашнаров, живиот сведок на двата Илиндени. Пред 80 години, во манастирот „Св. Прохор Пчински“, тој со треперлив глас, како мојов, воскликна дека по вековните борби и жртви „се роди нова, светла и слободна македонска држава“.
Поклонувајќи се пред спомениците на нашите илинденци, партизани и асномци, ќе забележиме дека и покрај разликите, речиси сите имаат две нешта заеднички. Тоа се нивните идеали и нивната младост.
Во минатото, младите се жртвуваа за нашата слобода. Денес, ние мора да се жртвуваме за иднината на младите.
Таа наша жртва подразбира да не правиме компромис со нивната иднина. Колку и да е тешко, ние мора да создаваме услови за младите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други, не само да трагаат, туку и да ја остваруваат својата среќа тука, во нашата единствена и нивна заедничка татковина. Да ги оставиме на страна поделбите и караниците, тесните партиски и лични интереси, и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес. Преку таа жртва, ние всушност ќе учествуваме во создавањето на новата, четврта македонска република.
Таа република мора да биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите. Грижлива бидејќи најдобрите, најуспешните се предуслов за нашиот успех. Републиката мора да биде инклузивна бидејќи нашата сила е во нашата различност, етничка, верска, јазична, генерациска. Инклузивноста не трпи поделби и предрасуди. Четвртата македонска република мора да биде и солидарна бидејќи грижата за сиромашните, ранливите и маргинализираните е аршинот за мерење на вистинската вредност на општеството. И, конечно, таа република мора да биде праведна бидејќи правдата е врската меѓу граѓанинот и државата.
Прегледи: 105