Денеска во Гевгелија, по повод 2 Август, Денот на републиката, односно 121-годишнината од Илинденското востание и 80-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, беше положено цвеќе на спомен-обележјата.
Свежо цвеќе пред Спомен-костурницата на паднатите борци, споменикот на Сава Михајлов и спомен-бистите на првоборците од НОБ, положија: членови на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи, претставници на политичките партии, вработени во НУ Музеј Гевгелија и здруженија на граѓани.
Пред присутните се обрати кустосот историчар при НУ Музеј Гевгелија, Тања Трајковска, која меѓу другото истакна дека 10-те дена Крушевска република останува запаметена како прва република на Балканот, а жртвата на тогашните борци ќе стане синоним за отпор, непокор, херојство и идеал за вториот Илинден, кога во 1944 година во манастирот Прохор Пчински е одржано Првото заседание на АСНОМ. Тогаш, напомена Трајковска, Панко Брашнаров, учителот од Велес од говорницата ќе каже:
„Веќе се гледа изгревот на нашата слобода, се гледа идеалната дружба на старите илинденци и новите илинденци-младата македонска војска и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи-слободна Македонија.“
Во своето обраќање таа напомена дека на 2 август 1943 година трагично загинува Васо Карајанов-Леонид, првоборец од гевгелиско и заменик командир на гевгелискиот партизански одред, Сава Михајлов.