АРТ ФИЛМОТ „ОГЛЕДАЛО“ ПРИКАЖАН НА „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“ ВО БИТОЛА
Трета година по ред, дел од активностите и проектите на етнокореолошката дејност при ЈОУ Дом на култура „Македонија“ од Гевгелија ја збогатуваат програмата на високо реномираниот Интернационален фестивал за народни игри и песни „Илинденски денови“ во Битола, кој оваа година се одржува од 19 до 31 јули. Овој пат „Дом на култура“ „Македонија“ од Гевгелија се претстави со арт филмот ОГЛЕДАЛО кој беше прикажан пред публиката на Фестивалот за етнографски филмови на 26 јули во малата сала на Центарот за култура во Битола.
Филмот претставува синкретизам од технологијата, техничките можности на визуелната антропологија, преку кои е прикажан секојдневниот живот на луѓето во почетокот на 20 век. Прикажува секојдневни дејства од животот на луѓето во периодот помеѓу двете светски војни, нивната жртва за опстанок, посветеноста околу домаќинството и семејството, отежнатиот образовен процес и сето тоа синкретички претставено преку денешните благодати, кои ги уживаме благодарение на таа нивна жртва. Огледалото е предметот што е сведок и метафорично ги претставува сите тие дејства и акти.