38 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ИСТАКНАТИОТ МАКЕДОНСКИ АКТЕР РИСТО ШИШКОВ
МОЛЧЕЊЕТО НА РИСТО ШИШКОВ
За Ристо Шишков треба да се молчи.
И пак да се молчи.
Но, белината на хартијата чека запис.
И народот очекува запис за Ристо Шишков.
Ристо знаеше да каже: во него има молчење. Многу молчење.
Ристо не молчеше. Зборуваше за сите.
Во него се славеше молчењето на народот.
Огромниот товар на молчењето.
Потоа молчењето избиваше од него.
Како вулкан. Како незапирлив вулкан.
Тој вулкан го однесе Ристо Шишков во вечно молчење.
Сега другите доаѓаат за него. Цела една вечност.
Слава му!
Еден од првите кој му посветува песна на Шишков, е и големиот борец за човекови права на Македонците, публицист и поет, неговиот личен пријател, Коле Мангов. Песната за прв пат е објавена во весникот “Македонија” од Торонто, Канада, на 16ти јули 1986, месец дена по неговата смрт. Песната, била игнорирана и на еден начин, дневните весници не пројавувале интерес да ја објават. Повторно е објавена во неделникот “Старт”, во 2001г.
Роден е во 1940 година во селото Мрсна, Серско, во Егејска Македонија, во ситуирано трговско семејство. Татко му Васил и најстариот вујко минале 4 години затвор на Крит, а во 1942 година Ристо ја доживува трагичната судбина на децата-бегалци од Егејска Македонија. Преку Бугарија во 1945 година неговото семејство доаѓа во Струмица, каде тој го минал детството и се школувал.
Шишков имал намера да студира атомска физика, но се премислил, па во 1962 година дипломирал на Театарската академија во Белград, на отсекот за глума.
По двегодишната работа во Југословенскиот драмски театар во Белград, Шишков доаѓа во Скопје и од 1 октомври 1964 година станува член на Драмата на Македонскиот народен театар.
Во својата кариера играл во 54 театарски претстави, снимил 11 филма (во дванаесеттиот, „Води“, неговата ролја е преснимена), пет телевизиски драми и три телевизиски серии, како и повеќе радиодрами. Добитник е на театарската награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (1977 година) за улогата во претставата „Крчма под зеленото дрво“.
Во 1979 година, накодошен, бил обвинет од тогашните власти за навреда на ликот и делото на Јосип Броз Тито и осуден како македонски националист, сепаратист и хегемонист, а на 15 јануари 1980 бил однесен во затворот.
По излегувањето од затворот, по кратко боледување умира на 17 јуни 1986 година во Скопје.
Во негова чест, по осамостојувањето на Република Македонија, од 1992 година во Струмица се одржува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.
Шишков оствари и многу улоги во филмската продукција на Македонија: 1966: „До победата и по неа“ (главна улога); 1967: „Каде по дождот“ (споредна улога); 1967: „Македонска крвава свадба“ (главна улога); 1968: „Планината на гневот“ (главна улога); 1969: „Републиката во пламен“ (главна улога); 1971: „Црно семе“ (главна улога); 1972: „Истрел“ (главна улога); 1975: „Јад“ (споредна улога); 1976: „Најдолгиот пат“ (главна улога); 1981: „Црвениот коњ“ (главна улога); 1984: „Нели ти реков“ (главна улога).
Прегледи: 194