Царот Константин Велики и неговата мајка, царицата Елена, за нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите.
Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот владетел на големата Римска империја што ја признал оваа вера. Мајка му Елена е заслужна за пронаоѓањето на светиот крст на кој бил распнат Исус Христос.
Именден празнуваат: Костадин, Костадинка, Кочо, Елена, Ленка…
Нивниот заеднички празник се празнува на 3 јуни според новиот, (односно на 21 мај според стариот) календар и во некои краишта се смета за тежок празник. Во Гевгелиско се сметал за тежок празник (аталија) и никој не работел. Се одело на панаѓур во с. Мрзенци и Миравци.