„ВЕСТИ“ НА ДЕЈАН МАЛЗАРКОВ УТРЕ ВО 21,30 ЧАСОТ СО ПРИЛОЗИ ОД ЗЕМЈАТА, СТРАНСТВО И… ПОШИРОКО

Нашиот гевгеличанец Малзарков, кој стана претпознатлив бренд за Гевгелија со неговиот талент за глума, утре, среда, 10 април, на државен празник , ќе ги соопшти своите најнови „Вести“ од земјата, странство и… пошироко.
Студиото за овие најнови вести ќе биде адаптирано во салата „26 Април“ а презентерот Дејан ќе се појави, ако дојде, како што вели тој, во 21,30 часот.
 
Дали ќе има и презентерка, останува да видат сите оние кои ќе бидат присутни „on the face of the place“.
Билетите по „драгстор“ цена од 250 денари уште само денес и утре до 17 часот може да ги купите во Тобако „Центар“. На врата, утре тие ќе бидат поскапи за 50 денари, поради тоа што треба да се плати вратарот!.
 
Дејан ветува дека е подготвен да ги нападне сите ваши мускули, особено оние кои се активираат при смеењето, а богами не се малку, ги има дури 80, од кои 17 се на вашето лице. Женската публика со ова ќе добие бесплатен лифтинг, додека машката ќе добие неочекувана диверзија врз стомачните мускули.
 
Доколку сакате, може да донесете и некој роденденски поклон на презентерот на вестите, бидејќи, ако не ме лаже паметот, а знае понекогаш, оваа година Diverzija Production со sit-down комедија „Вести“ на Дејан Малзарков го одбележува својот 8 роденден.
Инаку, настанот е од висок ризик за сите оние кои се под 16 години. Генерален спонзор е M Pro Sound, а „олеснувачи“ се Општина Гевгелија и S53 Маркет

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *