На денешен ден, пред 73 години во Скопје е формиран „Државниот ансамбл на народни игри и песни на Народна Република Македонија“, институцијата којашто од 2 јуни 1953 година го носи името „Ансамбл за народни игри и песни на Македонија ТАНЕЦ“, односно денешната „Национална установа за македонски игри и песни ТАНЕЦ“.
ТАНЕЦ е основан како плод на една поширока културно-уметничка активност којашто се разви во земјата по ослободувањето, како резултат на органската потреба на македонската култура за таков вид на делување, со основна цел да го собира, негува и уметнички да го надградува македонското фолклорно богатство – ората, песните, инструментите, обичаите и носиите, и музичко-сценски соодветно да ги претставува во земјата и надвор од неа.
ТАНЕЦ е создаден, како што еднаш ќе рече Душко Димитровски, од аирлии луѓе и во благословено време.
Во 1949-та година, со решение на Народното собрание на тогашната Народна Република Македонија е формирано друштво за собирање, негување и презентирање на македонското музичко-сценско творештво.
Со именувањето на првиот директор Емануел Мане Чучков, началникот на музичкиот оддел Живко Фирфов и раководителот на играорниот кор Рафе Живковски, веќе првата година од дејствувањето на ансамблот била година исполнета со многубројни активности, селекции, аудиции, патувања низ земјата заради пополнување на неговите редови и собирање на автентични народни носии, но и година на поставување на основната програмско-репертоарска концепција.
Така екипирани и професионално подготвени, овие првоборци го реализираат првиот концерт на 24 јуни 1950-та година во тогашниот Македонски народен театар, во еден величествен амбиент, наградени со одушевеност и аплаузи и од публиката и од критиката. Набргу, после само еден месец после премиерниот концерт пред своите, следува и првото меѓународно претставување и освојување на врвот.
Оттогаш, па наваму, сè е веќе историја, а Танец е вистински печат на времето.