Денеска, познатиот гевгелиски и македонски скулптор, Дамјан Ѓуров, во Скопје ќе го брани својот магистерски труд под менторство на менторот, професор Беди Ибрахими.
Во 20 часот во книжарницата „Буква“ ќе биде отворена изложба на скулптури на овој реномиран скулптор, за кој, на времето, професор Станко Павлески ќе каже:
„Актуелната продукција на младиот скулптор Дамјан Ѓуров е во духот на неговиот веќе пројавен свет на фигуративното што нè заведува и претендира да не биде само тоа (се присетив на едно негово постаро дело Жена дрво), приобликувајќи (“облекувајќи”, “калемејќи”) на себе соодносни елементарности во своевидна надреална претстава. Насловите на делата: Рака, Нога, Портрет, Птица, та и Спирално, Соларис, ‘Ртење, Meсечина тоа е боја на коска, Коцки, во голема мера се индикативни и го потврдуваат таквото гледиште, навлегувајќи и во слоевитости од симболички рефлексии и значења. Ѓуров вешто манипулира и артикулира со материјалите и техниките, и со храброста во насетувањето специфични тематизации и ликовна проблематика, речиси до рискантна колизија со универзалното и вредностите на рецентната уметничка практика, расплетува слики на своите погледи и внатрешни немири, во структури комуникативни со поширок слој на реципиенти.“
Дамјан Ѓуров, дипломирал на ФЛУ во Скопје на одделот за скулптура,во класата на професор Беди Ибрахим – насока Керамика. Реализирал самостојни и групни изложби и учествувал на повеќе ликовни колонии.