ЗА МНОГУ ГОДИНИ ПРАЗНИКОТ СВ. АТАНАСИЈ

ГЕВГЕЛИЧАНИ ГО СМЕТААТ ЗА ЛЕСЕН И „СРЕДЗИМА“ И ВЕРУВАЛЕ ДЕКА СО НЕГО ГЛАВНИТЕ СТУДОВИ СЕ ВЕЌЕ МИНАТИ
 
На 31 јануари е Св. Атанасиј Велики, голем борец за вистинското православие.
Именден празнуваат: Атанас, (доаѓа од грчкото Атанасиос и значи бесмртен), Атанаска, Танас, Тане, Танаска, Насе, Насте…
Во Гевгелиско мислеле дека Св. Атанас кој е „средзима“ и дека е лесен празник, не е аталија (кобен). Се држел како празник до пладне, а после и да се работи не се сметало за грев. Мислејќи на зимските студови овде се велело дека е тешко до Св. Атанасиј, а после и тој што е за умирање не се предава.
 
Затоа во народното верување тој е победник над силните студови и мразеви кои му се паднале при поделбата на должностите меѓу светците. Сепак, како предупредување дека зимата не е замината, односно дека студовите можат да изненадат останала пословицата „Атанас фрли кожувот ја врз нас ја врз рас“.
Свети Атанасиј е главна селска црква во гевгелиското село Негорци. Црквата се наоѓа на самото сретсело. Воедно, црквата претставува парохиски храм на Негорската парохија на МПЦ-ОА. Црквата е изградена во XIX век од непознат градител, но целосно била обновена во 1996 година, така што денес објектот изгледа како новоизграден.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *