Во Гевгелија, во хотелот „Аполонија“, за прв пат во нашата држава се промовираше „Прирачник за правата на старите лица од областа на социјалната и здравствената заштита“ на авторот Лазо Трајков, експерт за социјални работи.
Овој прирачник е изработен како дел од проектот „Доживување на втора младост во трето доба“ на Фондацијата Аполонија од Гевгелија кој се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2- Reload 2, која е финансирана од Европската унија а имплементирана од УНДП.
Овој проект е кофинансиран од Општина Гевгелија.
Самиот прирачник, кој пред присутните го промовираа самиот автор Лазо Трајков и претседателот на Фондацијата Аполонија, Ацо Ристовски, се состои од четири дела. Во првиот дел се дадени информации за проектот, целите и активностите, вториот дел се однесува на информации неопходни за остварување на права од социјалната заштита, третиот дел се однесува на остварувањето на правата од здравствената заштита и, на крајот, во четвртиот дел се дадени заклучоци и препораки за подобрување на животот на старите лица.
Севкупната цел на проектот е зголемување на социјалната инклузија и подобрување на квалитетот на живот на старите лица, активно стареење и поттикнување на меѓугенерациската солидарност во Општина Гевгелија.
Очекувани резултати од проектот се, зајакната свест за правата и потребите на старите лица од ранливите категории за социјална и здравствена заштита, подобрена севкупна благосостојба на постарите лица преку зголемена социјална интеракција во локалната заедница и промовирање меѓугенерациска солидарност и волунтеризам за стари лица кои можат и сакаат активно да стареат.