34 ГОДИНИ ОД РУШЕЊЕТО НА БЕРЛИНСКИОТ ЅИД
Денес, на 9 ноември, се одбележува 34-годишнината од рушењето на Берлинскиот ѕид, симболот на Студената војна, кој повеќе од две децении ја делеше Источна од Западна Германија
Со одлука на комунистичкиот режим, за да се спречи заминувањето на народот кон Западна Германија, во ноќта на 17 август 1961 година, започна изградбата на Берлинскиот ѕид, со висина од 3,6 метри, кој подоцна ќе биде наречен „ѕидот на срамот“.
Изградбата, одржувањето и мониторирањето на ѕидот и широкиот „појас на смртта“ со него, градбата што беше во завршна фаза и беше долга околу 160 километри, беше многу скапо и претставуваше значителен товар за источногерманската економија. Преку Берлин поминуваа 44 километри ѕид.
Во септември 1989 година почнаа демонстрации низ Источна Германија. На почетокот демонстрантите беа луѓе кои сакаа да емигрираат на Запад, и ја извикуваа паролата „Wir wollen raus“ (Сакаме надвор). Демонстрациите траеја и стануваа сè помасовни. Нивната кулминација беше на 4 ноември, кога околу половина милиони демонстранти се собраа на плоштадот „Александарплац“ во Источен Берлин.
Веќе на 9 ноември 1989 година, граѓаните самоиницијативно почнааа физички да ги разбиваат деловите на ѕидот, а на 13 ноември источногерманската Војска почна со организирано отстранување на деловите од ѕидот. На државјаните на ДДР веднаш им беше овозможено да преминуваат од Источен во Западен Берлин, меѓутоа пограничната служба до 23 ноември 1989 година го ограничуваше влегувањето на западногерманските државјани во Источен Берлин. Официјалното обединување на Германија се случи на 3 октомври 1990 година.
Во периодот од 1961 до 1989 година источногерманските граничари убија најмалку 138 лица што се обидуваа да избегаат преку ѕидот. Преку ѕидот успешно избегаа 5.075 лица, од кои 574 од редовите на војниците чија задача беше да го чуваат Берлинскиот ѕид.
Sидот беше олицетворение на Студената војна, па рушењето на Берлинскиот ѕид го означи почетокот на ослободувањето од комунистичката идеологија и структура, не само во Источна Германија, туку во повеќето до тогаш социјалистички држави во Европа.
Прегледи: 243