ТИХОМИР РУЧКОМАНОВ, СОВЕТНИК, ПОТРЕБЕН Е РАБОТЕН СОСТАНОК СО СИТЕ ПАРТНЕРИ ВО ПРОЕКТОТ „РЕГУЛАЦИЈА НА СУВА РЕКА“ ДА СЕ ВИДИ ВО КАКВА СОСТОЈБА Е СЕГА И КОЈА Е ДИНАМИКАТА НА ВРАЌАЊЕ НА ВЛОЖЕНИТЕ СРЕДСТВА ВО ОСНОВНИОТ БУЏЕТ

На последната седница на Советот на Општина Гевгелија, на дневен ред пред советниците беше Предлог одлуката за позајмица на средства во висина од 90.000 евра од општинскиот буџет за дореализација на дел од коритото на Сува река која се реализира во рамките на проектот „Одржливо управување со водните ресурси во прекуграничниот регион” (AQUA M2), од NTERREG/IPA Програмата за прекугранична соработка со Грција и финансиска поддршка од ЕУ.
Советникот од ЛДП, Тихомир Ручкоманов во својата дискусија околу овој проект потенцираше дека веќе неколку пати се вложуваат финансиски средства од основниот буџет за реализација на самиот проект и искажа загриженост за тоа кога овие средства, кои се во висина од 10 проценти од ланскиот реализиран основен буџет ќе се вратат во буџетот на општината. Исто така, советникот ја искажа својата дилема дали после две години од почетокот на регулацијата на проектот самиот влез на регулираното корито е во иста состојба како и на почетокот, односно, вели тој, влезот нема праг и е рамен со коритото, додека таканаречените „мадраци“(перници) се пополнети само со песок.
За да се решат овие дилеми , тој даде конкретен предлог, општина Гевгелија да иницира работен состанок со сите партнери во овој значаен проект на кој ќе се разговара за тоа со каква динамика тече реализацијата на проектот и која е гаранцијата за враќање на сите вложени средства од општинскиот буџет.
Да потсетиме дека се работи за Проект, во кој партнери на општина Гевгелија од грчка страна се универзитетот Аристотел од Солун и водостопанските претпријатија од општините Пеонија и Халкидона. За реализација на овој проект на општина Гевгелија и беа доделени 516.500 евра, а на ЈПКД „Комуналец“ 127.000 евра за набавка на лабораторија и друга опрема за мерење на квалитетот на водите во реката Вардар.
Со проектот се регулира дел од коритото на Сува река во јужниот дел од урбанизираната градска зона во должина од 600 метри, како најкритичен дел од коритото каде при пообилни врнежи се излеваше реката и предизвикуваше штети на блиските станбени објекти. Реализацијата предвидуваше формирање на минор корито за регулација и на седум каскадни прагови и заштитни насипи со кои дното и бреговите на реката ќе бидат соодветно обликувани.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *