ОДБЕЛЕЖАНИ 80 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ИЛИЈА КАРАЈАНОВ

НА ПАТЕКИТЕ КАЈ ШТО НЕ ДИШЕ ЉУБОВТА, ИСЧЕЗНУВА СОНОТ
 
Гевгелија отсекогаш имала богато литературно творештво на плеада литературни творци, кои оставиле белег во македонската литература. Еден од тие творци е Илија Карајанов, поет, есеист и критичар. Роден е во Гевгелија на 8 јули 1943 година, почина на 25 јануари 2016 година.
 
Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работеше како професор во гимназијата „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија. Член на ДПМ од 1987 година. Автор е на стихозбирките: Сончогледово око (1978), Цветови на слободата (1979), Полноќен сонопис (1987), Сономорје (1991), Слики од југот (1995), Зорници во сонот (1997), Сонети без почеток и крај 1999), Свилени звуци (хаику поезија, 2000).
Добитник е на највисокото општинско признание за животно дело „7 Ноември„ за значајни постигнувања во областа на културно-воспитната дејност.
 
ЈОУ „Библиотека „Гоце Делчев, во рамките на Гевгелиското културно лето, синоќа ги одбележа 80 години од раѓањето на Илија Карајанов.
Во воведното обраќање, директорот на гевгелиската библиотека, Стефан Марковски зборуваше за Карајанов, како за голем автор од југот кој особено се истакнуваше покрај своето творештво, така и со есеистичките текстови за голем број македонски писателски автори, од Анте Поповски па се до Михаил Ренџов.. Исто така, Карајанов посвети голем дел од својот опус во рецензирање на дела на младите писателски имиња.
 
На конкурсот распишан од Библиотеката, рече Марковски, а по повод 80 години од раѓањето на Карајанов и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, пристигнале 27 творби од кои наградена е творбата со наслов „Ќе ги најдеме ли клучевите за тајните двери и ковчези додека животот невидливо поминува“.
За животописот на Илија Карајанов зборуваа македонските писатели, есеисти и книжевни критичари Васил Тоциновски и Ефтим Клетников.
Избрани стихови од творештвото на Карајанов читаше актерот и режисер Васил Михаил. Модератор беше Емилија Старделова.
 
„Еден неверојатно питом и култивиран карактер, човек со богат дух и душа. Скромен до крај, небаре јуродив, монах а полн со интелект, ерудит кој никогаш не му подлегна на нарцизмот на суетата. Човек и поет во едно, кој во поезијата повеќе сакаше да се изразува со Ние, отколку со јас, човек со космополитски хоризонт и голем родољуб„, ќе рече за Илија Карајанов, неговиот колега Ефтим Клетников.
 
Јас само ќе додадам дека имав можност, а воедно и чест, како новинар на „Тв Нова 12“, по повод добивањето на седмоноемвриската награда на општина Гевгелија, да направам интервју за „Гевгелиски магазин„ со овој даровит автор, полн со добрина и човечност, кој меѓу другото истакна:
 
„На патеките кај што не дише љубовта,исчезнува сонот.Борбата на Македонецот е долга и напорна.И денес се уште е актуелна мислата дека да се пишува на македонски јазик,значи борба,бескомпромисен чин.Затоа кога во 2003 година ја добив наградата за животно дело од Здружението на просветни работници-литературни творци од Македонија,бев пресреќен од Повелбата во која стоеше образложението дека се доделува “како израз на најдлабока почит и признание за придонесот во литературната и воспитно- образовната дејност втемелени во македонската национална култура и самобитност”.Исто така горд сум на меѓународната награда на Министерството за култура на Турција и меѓународната награда за есејот “Градот и мостот”.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *