Изложбата од делата ќе биде отворена на 15 јуни 2021 година во 20 00 часот, во Europe House Струмица. На изложбата учествуваат 16 автори, меѓу кои е и гевгелискиот уметник Дамјан Ѓуров, и истата е дел од програмските активности на „Струмица – град на културата“
На изложбата „Несовршен простор”, здружението Транзен секоја година ја доделува наградата Владимир Георгиевски, во чест на великанот на македонската ликовна уметност, професорот Владимир Георгиевски.
Оваа година наградата ја добива ликовниот уметник, скулпторот Андреј Митевски за скулптурата „Форма која се раѓа“.
Творештвото на Андреј Митевски е континуирана борба со суровиот и цврст материјал, кој се преобразува во нешто ново, кревко и живо. Скаменетите форми треперат пред мермерот, каменот, травертинот, како во грч, подготвени да се ослободат од нив. Од најцврстото, се раѓа најмекото. Лист, дланка, пердув, бршлен, бесконечна билка… Судирот меѓу мекото и суровото во неговото творештво, потсетува на стиховите од Лао Це:
Слабоста е сила, цврстината е слабост.
А, во текстот на каталогот, ликовниот уметник и куратор на изложбата Никола Пијанманов, за темата на актуелната поставка пишува:
Нашите животи се една континуирана преобразба во која согорува старото Јас. Таа преобразба, зависно од соништата кои ги сонуваме и јавето кое го живееме е или страшно сновидение, или излез и спас од кошмарниот свет на секојдневието. Уметникот е мајстор на преобразбите. Тој ги конвертира своите модели и замисли во нешто друго, поинакво од сенките на секојдневните форми и видливи објекти. Уметникот е алхемичар во метаморфозата на секој објект, од кој произведува или нови форми или нови неформи.