ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА ПО ПОВОД ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ ДЕТСКИ МУЗИЧКИ ФЕСТИВАЛ „КАЛИНКА 2023“

По неколкугодишна пауза, на иницијатива на градоначалникот Андон Сарамандов, а поддржан од Советот на Општина Гевгелија, во Гевгелија од оваа година се возобновува Интернационалниот детски фестивал „Калинка“, еден препознатлив гевгелиски музички бренд, кој Општината ќе го финансира со 500.000 денари.
 
По тој повод денеска се одржа прес конференција во просториите на Општина Гевгелија, на која за организацијата и активностите околу одвивањето на самиот фестивал говореа градоначалникот Андон Сарамандов, уметничкиот директор Александар Стојанов и директорката на Дом на култура „Македонија“, м-р Мирјана Крстева Массети, која најави дека фестивалот ќе се одржи во големата сала на Народниот театар во Гевгелија.
 
Најнапред градоначалникот Сарамандов истакна дека со огромна чест и задоволство ги поддржува и ќе ги поддржува и натаму сите активности околу возобновувањето на овој детски фестивал, бидејќи тоа не само што го бараа граѓаните на Општина Гевгелија, туку и поради фактот што Гевгелија и фестивалот „Калинка“ имаат богата традиција. 
 
Првиот фестивал, рече Сарамандов, се одржа во 1992 година и во текот на изминатите години испиша богата музичка историја со над 500 исполнети детски песни , што стана своевиден гевгелиски музички бренд, познат не само на домашната, туку и на меѓународната јавност. На сегашните организатори, тој им посака успешно одвивање на фестивалот со што ќе се придонесе за што поуспешна презентација на Општина Гевгелија како организатор на вакви и слични културни настани.
 
Уметничкиот директор на фестивалот, Александар Стојанов се заблагодари на градоначалникот Сарамнадов што композиторите, текстописците, музичките работници, како и децата, исполнители на песни од Гевгелија, Македонија и пошироко, повторно добиваат можност да настапуваат на еден од најреномираните детски музички фестивали во Македонија фестивалот „Калинка 2023“.
Програмските активности се веќе започнати, истакна Стојанов, така да денес и утре, 1 и 2 март во Народниот театр со почеток во 18 часот ќе се одржи аудиција за 120 деца на возраст од 3 до 12 години, кои ќе бидат солисти и учесници во детскиот хор на „Калинка“.
 
На фестивалот ќе бидат изведени 20 новокомпонирани детски песни, компонирани од гевгелиски автори, но и автори кои дале белег на фестивалот во минатото како што се Томислав Таневски, Кристијан Габровски, Нада Ристова, Ристо Самарџиев и други. На фестивалот се најавени и гости од Турција, Србија, Словенија, Бугарија и Грција.
Фестивалот ќе се одржи во две вечери, на 19 и 20 мај, а предвидена е, вели Стојанов и голема денска забава на плоштадот во Гевгелија , на 21 мај со почеток од 12 часот.
 
Инаку, истакна Стојанов, во преговори сме со Македонската радио телевизија за снимање на двете фестивалски вечери на „Калинка 2023“
На новинарско прашање дали ќе се додели специјална награда за еден од основачите на фестивалот, кој не е повеќе меѓу живите, Ѓорги Цуклевски, Стојанов одговори потврдно. На овој неуморен музички работник, рече тој, ќе му биде доделена постхумно специјална награда за трајни вредности, а и целиот фестивал ќе му биде посветен токму нему, заврши Стојанов.
 
Инаку, да потсетиме дека Првиот детски фестивал „Калинка“ се „роди“ на 2 март, во Гевгелија, а оние кои ја создадоа, кои работеа низ годините, беа уметнички директори, ја сакаа Калинка и кои помагаа и беа со неа и во најтешките моменти, Нада Ристова,, Томислав Таневски и сега веќе покојниот Ѓорѓи Цуклевски.
 
Во изминативе години на Калинка учествувале околу 600 солисти и над 3000 хористи и балерини. На Калинка гостувале претставници на 23 земји од Европа и светот : Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Бугарија, Албанија, Чешка, Молдавија, Грузија, Русија, Украина, Романија, Судан, Кореја, Нигерија, Полска, Виетнам, Сирија, Монголија, Ерменија, Унгарија Малта, а од Македонија нема град кој не бил застапен со свои претставници на Калинка.
 
Автори на Калинка, оние кои ги пишуваа песните, музички педагози, текстописци и аранжери беа Ѓорѓи Цуклевски, Ристо Самарџиев, Томислав Таневски, Дарко Тасев, Мирослав Пап, Ненад Илијиќ- Србија, Доно Цветков- Бугарија, Ладо Леш- Србија, Кристијан Габровски, Драган Каранфиловски-Бојс, Огнен Неделковски, Орце Издушнов, Нада Ристова, Тони Аврамов, Владимир Дојчиновски, Оливера Станковска, Костадин Динев и други познати и помалку познати и популарни автори на музика, текст и аранжман од Македонија и Балканот.
 
Фестивалот „Калинка„низ годините, ја пишуваше својата музичка историја, влегуваше во секој дом во секоја градинка и во секое училиште каде што има деца.ја градеше својата безвременска улога да ги прави радосни и среќни децата. Се надеваме дека и овогодишниот фестивал „Калинка 2023“ ќе биде успешен дел од оваа историја.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *