УЧИТЕЛКАТА МАРИКА ПЕТРОВА РИСТОВА СО СВОИТЕ КОЛЕГИ-КУРСИСТИ ГО ПОДИГНАА „ФАКЕЛОТ ОД СЕРМЕНИН“ НА ПРВИТЕ ПОВОЕНИ УЧИТЕЛИ ОД ГЕВГЕЛИЈА
Нека оваа приказна за учителката Марика Петрова Ристова, раскажана со многу љубов од нејзините ќерки Љиљана и Славица биде потсетник и на сите други повоени курсисти за учители, кои ги посетуваа двата курса организирани во селото Серменин. Затоа што „факелот“ што го запалија токму во Серменин првите повоени учители, сеуште им го осветлува патот на новите генерации ученици во Гевгелија.
Мојата мајка Марика Петрова, подоцна Ристова , раскажува Љиљана Ристова, била ќерка на Султана-Тана Ашикова од Дојран и на Димитар-Мито Петров, роден во село Смол, Егејска Македонија. Марика е родена на 2 февруари 1926 година во Гевгелија. Султана и Димитар, за жал, пред да се роди Марика, изгубиле три машки деца поради недостиг на лекови во тоа време, но и поради тешките услови на живеење. Освен Марика, тие во 1933 година, ја добиле и втората ќерка, Снежана.
Кога дошол крајот на Втората светска војна, Македонија била без македонски учители. Затоа, во такви услови, од 2-5 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчински се одржа првото заседание на АСНОМ. Неговиот Президум донесе Решение и Упатство за организирање курсеви за оспособување на привремени учители за основните училишта. Тогашната македонска власт ангажирала многу млади луѓе, речиси сеуште деца, на свои 16, 17 и 18 годишна возраст, да ги посетуваат овие курсеви за учители. Меѓу нив се нашла и Марика.
За разлика од другите региони на Македонија, курсот за привремени учители во гевгелиско-дојранско-валандовскиот крај, има свои специфики. Оваа година се навршуваат 77 години од времето кога се организираа курсевите за привремени учители на македонски јазик, во есента 1944 год. До тогаш децата во Македонија учеа на туѓи јазици. Затоа овој настан има историско значење; прв пат децата слушаа настава на својот мајчин јазик.
Ова, многу убаво е опишано во брошурата на Ристо Елимов – “Факелот од Серменин”. Селото Серменин, 19 км. оддалечено од Гевгелија, во пазувите на Кожуф е избрано за место на одржување на курсот. За предавачи биле одредени: д-р Ангел Џиков – ветеринарен лекар, инж. агр. Кирил Минев, двајцата од Гевгелија, и Миро Петрушев – ветеринарен лекар од Богданци. Тогаш, овој регион располагал со само 11 души квалификувани учители. Според решението на АСНОМ, курсот требало да го посетуваат ученици од шести до осми клас гимназија и средни училишта. Пред оспособените учители претстоеле работа со децата во училиштата, но и борба со неписменоста и други задачи а тие млади луѓе беа неискусни и требаше да изведуваат настава во најтешки услови: делумно разурнати училишта, без соодветни, на македонски јазик, учебници.
За официјалното поканување на учесниците, нивното собирање и одење во селото Серменин, кажува Душко Варналиев и самиот учесник во курсот:
“Со Ванчо Андонов, мој долгогодишен другар од училишните клупи, вечерта слеговме во градот и отседнавме кај него дома… Германците постојано пукаа со рафали од тешки матралези. Истата вечер поканите му беа предадени на Ристо Мелков, кој и покрај полицискиот час успеа да им ги предаде на младинците. На другиот ден, неочекувано, Германците почнаа со топови да стрелаат… а тоа беше доволно да се загрижиме за исходот на закажаната средба. За среќа по малку време, топовите престанаа и оддалеку почнаа да се наsираат силуетите на младинците. Некои од нив беа со родителите, зашто дотогаш не беа мрднале од домашното огниште”.
Тоа се случува во деновите околу 18, 19 октомври, дваесет дена пред да биде овој крај осободен од Германците. А само 4 дена пред тоа, Германците влегле во селата Габрово и Петрово, гевгелиско, на 14 и 15 истиот месец, и извршиле страшен злостор; селата ги запалиле, имало убиени со мачење, стрелани и изгорени.
Марика Петрова Ристова за тие моменти се сеќава:
“Тогаш имав само 18 години. Се уште во Гевгелија имаше Германци. Дури тие полнеа вода од нашиот бунар. А јас требаше илегално да излезам од дома и од градот и да одам во планината… Како јас толку млада ќе се снајдам во планината?”. Колку било тешко за гевгеличаните, уште полошо било за тие курсисти од левата страна на Вардар да стигнат до Гевгелија, а оттаму до Серменин. Тие мораа да поминат преку мостот на Вардар, чуван од силни стражи.
Во Серминин се собрале 34 повикани. Од нив повеќе биле младинци од 6 клас. Предавањата започнале на 23 октомври 1944 год. На отварањето, освен курсистите присуствувале и голем број жители на Серменин, евакуирани гевгеличани и претставници на политичките и воените власти. Курсот траел 9 дена од 23 – 31 октомври. Наставата се одвивала целодневно, освен одморот за ручек. Освен општообразовните предмети биле и сексуалното воспитување, хигиена и критика и самокритика. Религијата, не била застапена, иако АСНОМ дал можност таа да се предава факултативно. Имало и гаѓање со пушка. Се извела и лажна тревога – “доаѓање на вооружени Германци”. Се наредило книгите да се соберат од населението и да се сочуваат, зашто “секоја книга, рекол еден од предавачите, има своја вредност”. На 31 октомври завршил курсот за привремени учители. Тие што биле определени на работа во оддалечените села, биле среќни, а на ризик биле тие во селата уште неослободени.
Мајка ми, Марија, продолжува Љиљана, била распределена да учителствува во валандовските села Брајковсци и Балинци. Од жителите на овие села, таа била пречекана со воодушевување, поради фактот што за прв пат во многувековната историја, во селата децата имале македонска учителка. По извесно време, мајка ми Марика била учителка и во други гевгелиски села, за да најпосле ја распределат во самиот град Гевгелија, да биде учителка од прво до четврто одделение.
Учебната година завршила на 7 јуни 1945 со што завршила и нивната пионерска просветна задача. Некои од нив, потоа, со доквалификација, учителствувале се до крајот на својот работен век, а другите се вратиле на школување. Изгубениот клас го надополниле со курс, јули и август 1945 во Струмица. По завршувањето на школувањето многу од овие први учители станаа и познати функционери, културни дејци и сл. Иван Антонов, стана спикер на МТВ, Славка Георгиева (Андреевиќ) – министер за просвета, Кирчо Ќортошев – актер на МНТ, Радуле Тараљајков (Костовски) министер за информации, Душко Варналиев – новинар на Нова Македонија, Илија Џаџев – професор во гимназијата во Гевгелија, гитарист и поет. На сите нив, поколенијата им се благодарни, а сеќавањата – неисцрпни!”
Низ одделенијата на учителката Марија поминале многубројни ученици, кои никогаш не ја заборавиле нивната прва учителка, па дури често ја посетувале во нејзиниот дом. За жал, Марија Петрова Ристова починала многу млада, на само 58 годишна возраст, само неколку години по нејзиното пензионирање. Но, завршува Љиљана, таа останува да живее не само во моето и срцето на мојата сестра Славица, туку и во срцата на многубројните ученици на кои таа, учителката Марија, им го дала основното знаење за светот и животот.
Прегледи: 385