Изложбата „Пејзажи“ од Дејан Иванов – Маргуш ќе биде отворена на 21 октомври 2022 година(петок), во 19 часот, во галерискиот простор на Пионерскиот дом–Гевгелија.
На изложбата ќе бидат претставени 20 слики на овој наш уметник работени годинава. Инспирација на уметникот му е нашето македонско поднебје, односно македонските предели.
Ликовниот уметник Дејан Иванов Маргуш спонтано ја продолжува неговата сликарска енформелска преокупација. Тој го гради неговиот ликовен свет на спонтан, силно импулсивно но сепак лирски изведен апстрактен пејсаж.
Тие се необични, ефективни со богатство на бои. Иванов е несомено сликар со чувство на пиктурални, пластични вредности. Реминисценции на светот на природата, полн со некаква психолошка и емоционална динамика, со што е одбегнат призвукот на декоративност. Уметникот користи една впечатлива, силна гама на бои.
Енформелот во неговото сликарство е слика која не прикажува, туку се нуди како слика-состојба, како слика-присутност, како чиста егзистенција на напнатоста на материјата во нејзиниот и непредвидлив судир, како чист интензитет на односи и спротивности.