СО МНОГУБРОЈНИТЕ ФЕСТИВАЛИ И НАСТАНИ ДОЈРАН И ОВА ЛЕТО ОЧЕКУВА УСПЕШНА ТУРИСТИЧКА СЕЗОНА
Топлото време и понискиот стандард придонесоа голем број на македонски граѓани наместо на море, викендите и годишните одмори да ги поминуваат во прекрасниот Дојран.
Како што велат од локалната самоуправа, во просек, дневно, во овој наш туристички центар се реализираат по околу 6000 ноќевања, бројка која во текот на август се очекува да биде и зголемена.
Првиот човек на градот, Анго Ангов, вели дека оваа година се потрудиле да имаат што повеќе настани и фестивали со кои ќе ги привлечат домашните и странски гости. Така во изминатиот период се одржаа „Д Фестивал“, „Мандра фест“, „Гурман фест“ а наредниот период оние што ќе го посетат Дојран ќе имаат можност да присуствуваат и на „Рок Фест“, како и на првиот Филмски фестивал.
Освен домашните туристи кои ги има од сите делови на Македонија, годинава повторно се вратија и странските транзит туристи кои наместо неколку часа летово остануваат и по неколку дена.