На 30 мај 1913 година во Лондон е потпишан мировниот договор со кој завршила Првата балканска војна и со кој за Македонија турското ропство било заменето со распарчување, поделба и ново ропство под Грција, Србија и Бугарија.
Лондонската мировна конференција започнала на 16 декември 1912 година со цел постигнување договор меѓу победничките во Првата балканска војна и поразената Турција, која предложила на Македонија и на Албанија да им се даде автономија под суверенитет на Турција.
Албанија на 28 декември 1912 е призната за независна држава, а предлогот за независност на Македонија не е прифатен. Србија и Грција уште пред војната тајно се договориле дека нема да дозволат создавање на самостојна Македонија, ниту бугарско – албанска граница меѓу државните граници на Србија и Грција. Турскиот предлог за создавање на автономна Македонија го одбила и Бугарија, која со Грција ги заострила односите уште во почетокот на Првата балканска војна, особено откако грчката војска го зазела Солун.
Тоа не било прифатено. И поради незадоволството помеѓу балканските сојузници Грција, Србија и Бугарија од распределбата на отстапените територии од Турција, по Првата балканска војна (1912 – 1913) набрзо започнала и Втората балканска војна (1913).