ЕВРОПСКИ ЗЕЛЕН ДОГОВОР: ПОВЕЌЕ ОД КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ

„Европскиот зелен договор: повеќе од климатски промени“ беше тема на втората од дебатите инспирирани од тековната изложба „Розeви тигри и златни гуштери и што уште не“ што се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје. 

Климатските промени и што по нив – беше во фокусот на разговорите, овој пат инспирирани од делото „Beyond: Reptiles 2021“ на реномираниот уметник Велимир Жерновски, еден од шестемина автори вклучени во поставката што ќе биде отворена во резиденцијата до 20 мај. Изложбата ја организира Делегацијата на ЕУ во соработка со галеријата „Акантус“.

На дебатата, покрај уметникот Жерновски, учествуваа и кураторот Дијана Томиќ-Радевска,Теодора Грнчаровска, државен советник во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Чоловиќ-Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје, Бојана Станојевска-Пецуровска од Центарот за климатски промени, Гент Салихи, млад европски амбасадор од иницијативата на ЕУ и повеќе студенти од државни и приватни факултети во земјава. Домаќини беа ЕУ-амбасадорот Дејвид Гир и Пол Бускот, а дебатата ја модерираше Мила Јовановска од организацијата „Биди зелен“.

Евроамбасадорот Гир ги поздрави присутните и рече дека дневнополитичките настани во светот се важни, но не треба да нè дефокусираат од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото – климатските промени, деградацијата на животната средина и колапсот на биодиверзитетот.
 
Претставниците на институциите и на невладиниот сектор отворија конструктивна дебата за состојбите на локално и на централно ниво во земјава, што прават граѓанските организации, какви се обврските кон меѓународната заедница и конвенциите што нашата земја ги има ратификувано. Секогаш е предизвик да се зборува за климатските промени, но и да се дејствува. Темата е комплексна и опфаќа многу ресори – економија, финансии, земјоделство, шумарство и водостопанство, транспорт и врски, локална самоуправа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *