УСВОЕНИ ПРОГРАМИТЕ ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА КУЛТУРАТА И СПОРТОТ ЗА 2022 ГОДИНА

Со утврден Буџет во висина од 7.500.000 денари, Советот на Општина Гевгелија, на 6 седница, ја усвои Програмата за финансирање на спортските активности во општина Гевгелија за 2022 година. Со предвидените средства од Општинскиот буџет ќе бидат поддржани 40 здруженија, клубови и спортисти од областа на: фудбалот, кошарката, ракометот, тенисот, ателтиката, карате, планинарство, шахот, кик-боксот и сл. 

Општина Гевгелија, и годинава, со финансиска поддршка од 1.600.000 денари од Општинскиот буџет ќе настојува да го збогати културниот живот во општината. Буџетските средства ќе бидат распределени на 41 подносител на апликации. Имено, на објавениот Јавен конкурс се пријавиле 49 апликанти, односно, културни установи, здруженија и поединци со свои проекти, од кои се одбиени оние апликанти кои не се од општина Гевгелија.

При распределбата на средствата, се водеше сметка Општината да овозможи продолжување на традицијата и одржување на културни настани кои ќе ги задоволат очекувањата на гевгелиската публика. Тоа, секако, претпоставува нови форми на добро познатите и прифатени низ годините наназад на: „Смоквијада“, „Меѓународен натпревар за млади пијанисти“, „Распеана чаршија“, „БОШ ФЕСТИВАЛ“, активностите на Градскиот мешан хор „Гортинија“, фолклорните уметнички друштва и сл. 

На оваа седница, независниот советник Томче Ќичуков побара да биде разрешен од членувањето во Комисијата за култура и спорт. Во своето образложение тој истакна дека не се согласува со начинот на кој се делат средствата за програмите од областа на културата и спортот, бидејќи, според него, членовите на оваа комисија немале можност да  учествуваат активно во распределбата на средствата туку само со кревање рака ги поддржувале веќе предложените суми за поддршка на апликантите кои ги предлага Градоначалникот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *