На денешен ден во 1884 година во селото Селци, Струшко, роден е Арсениј Јовков, македонски поет и публицист, општественик, револуционер, учесник во Илинденското востание, преведувач, филмолог. Како литерат се пројавува во првите две децении на ХХ в., во периодот на својот престој во Бугарија.
Редактор е на весниците „Илинден“, „Пирин“ и „20 јули“, а по 1923 г. решително се одредува на страната на македонската левица. Издал две поеми: „Проклетина“ (Варна, 1905) и „Љуљебургас“ (Варна, 1912). Во ракопис му се останати повеќе песни и поеми меѓу кои романот во стихови „Илинден“.
Арсениј Јовков во текот на својот живот се јавува како литературен критичар, преведувач и филмолог. Во 1923 година заедно со Георги Занков, по свое сценарио, Јовков го снима документарниот филм „Македонија во слики“. Во овој филм, кој се сретнува уште како „Македонија“ се прикажани и снимки од пренесувањето на останките на Гоце Делчев во црквата „Света Недела“.
По убиството на Тодор Александров (31 август 1924), Арсениј Јовков ја напушта Софија и заминува за Македонија, но е убиен на 14 септември 1924 година во Горна Џумаја (Благоевград), Пиринска Македонија, од страна на прврзаниците на Ванчо Михајлов.