121 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ
ВО 1895 ГОДИНА, ЗА ВЕЛИГДЕН, БИЛ ВО ГЕВГЕЛИЈА И ГИ ПОСТАВИЛ ТЕМЕЛИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО ГРАДОТ
Револуционер, патриот, неуморен борец за слободна Македонија, за подобро утре, Македонец во вистинска смисла на зборот. „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“ – добро познатата мисла на Гоце Делчев која го вбројува во редот на прогресивните светски хуманисти.
За жал, овој храбар јунак не доживеа да го види македонскиот народ како извојува слобода против пропагандите на соседните држави и Османлиската Империја. Гоце Делчев го даде животот за својата татковина. Сите Македонци треба да се благодарни и да се поклонат пред неговиот лик и дело. Тој е пример за сите идни генерации. Ќе остане запаметен како голем патриот, хуманист кој секогаш зрачел со оптимизам и верба во посветла иднина. Ние сега го живееме неговиот сон, сонот за слободна Македонија.
Во Гевгелија живееше чичкото на Гоце Делчев и братот на неговиот татко Никола, Ѓоргија Делчев, ќе изјави за „Вечер“, Јордан Јанев-Дане, познатиот уметник од Гевгелија и правнук на славниот Гоце Делчев, но и внук на Јордан Димов Докурчев, чие име гордо го носи денеска.
Денес, вели Јанев, живи правнуци на Гоце Делчев се останати Никола Јанев, пензиониран долгогодишен вработен во Македонската радио телевизија, Лилјана Јанева(Станишиќ) која живее во Белград, Јордан Јанев, нашиот соговорник, академски вајар кој дипломирал во Белград, како и Зоран Ѓоргиев, некогашен директор на „Стоби“, сега пензионер, Владо Ѓоргиев, доктор и Олгица Султанска, правник.
Многу жалам, изјави Јанев, што повеќе не е жив Живко Султански, бидејќи тој пишуваше и книга за семејното стебло на браќата Никола и Ѓоргија Делчеви, а која книга, која беше во ракопис е исчезната.
Прегледи: 188