СТЕФЧЕ СТЕФАНОВ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА „ВЕЧЕР“:

WEB Телевизија во живо

„КНИГАТА „ГЕВГЕЛИСУВАЈНЕ E ПИШУВАНА НА ГЕВГЕЛИСКИ ДИЈАЛЕКТ ЗАТОА ШТО ЈАЗИК БЕЗ ДИЈАЛЕКТИ Е КАКО КУЌА БЕЗ ТЕМЕЛИ.“
 
– Најнапред честитки за новата книга. И оваа е на гевгелиски дијалект, нормално, бидејќи е дел од една трилогија. Дали со ова го завршуваш гевгелисувајнето засекогаш, или?
 
„Благодарам, за арно и на арно нека е. Кога веќе имам можност да одговорам писмено се осеќам на мој терен па еве ќе си дозволам да си дадам слобода да си направам една авторефлексија, ама со цел да не се поставам на исто рамниште со некои великани. Мислам дека Спилберг уште при снимањето на првиот дел на „Враќање во иднината“ (еден од моите омилени филмови уште од детството) речиси целосно го имаше завршено сценариото и за третиот дел. Е јас не сум таков. При пишувањето на „Гевгелексикон“ пред точно десет години немав поим дека денес ќе зборувам за трета книга за Гевгелија напишана на дијалект. Но тоа си го објаснувам така што си велам дека едно е да се пишува фикција, а друго е да се чепка и прета по народната оставштина, фолклорот, традицијата и слично. Кога ќе се чепне во овие вториве, тоа е бунар без дно, но во позитивна смисла. Така што, јас навистина во овој момент мислам дека убаво си личат овие три книгички на дијалект како трио. Но којзнае. Чудни и непредвидливи се патиштата на инспирацијата!“
 
– Стефчо, ти ја докажуваш во пракса дефиницијата на Крсте Петков Мисирков која вели дека речникот на македонскиот јазик треба да биде составен од сите негови говори, а не само од оние четири, централни кои се користат во македонскиот литературен јазик. Затоа што во Македонија се зборуваат и многу други говори, а „се лафе и гивгилиски“. Дали со оваа трилогија го исполни својот „свет“ долг кон гевгелискиот дијалект?
 
„Уф! Ич, ама ич не се сметам себе за „избраниот“ како единствен кој треба да го изгланца и изложи гевгелискиот дијалект на саемот на јазични вредности. Но да,.сметам дека долго време никој не беше го истакнал гевгелискиот дијалект како македонска атракција, како мошне интересен дијалект, а тоа доста често го прават на пример кумановчани, кавадарчани итн. без оглед на тоа дали се работи за книги, тв емисии, музика и сл. Не сум за радикализација во смисла ајде сега да го промениме стандардизираниот македонски јазик и на сила да ги впикаме дијалектите во него. Не мора тоа да го правиме. Јазикот сам ќе си го направи тоа. Сам ќе си ги поприми и истресе украсите кои му личат или не му личат. А дали сум му се оддолжил на гевгелискиот дијалект? Хехе, е не знам. Ќе видиме. Ќе покажат самите книгички колку ќе се листаат и подаваат од рака на рака.“
 
– Во што е всушност карактеристиката на гевгелискиот дијалект?
 
„Не сум лингвист и нема да навлегувам правејќи се паметен да звучам аналитички да одговорам. Но сум гевгеличанец па може да си го пофалам дијалектот со еден долг и широк одговор: Жив, брз, најубав и најнаш си е.“
 
– Во книгата „Гевгелисувајне велиш дека постојат толку Гевгелии колку што постојат живи гевгеличани?
 
„На ова прашање мора да ти одговорам на гивгилиски: За теб е една, за мен е оште една, за друг е друга, и нормално за трет е-трета. , Ак питиш само един Гивгилија си е една, ама кој как си ја гледе она така си го „гаљотке, према чувекот и ќутекот-шо би са кажало.
Пустоат толку Гивгилии колко шо пустоат живи гивгиличајне. Ак не сме живи Гивгилија ќе биде само прикаска уф некоа билешка шо ќи блидее. Е, арно ама живи сме. А чим сме живи ќе пустоат и ного Гивгилии. И расправани и дуживеани и брливи и срамежливи и курназливи и забравани и оште ненаправани.
 
А, која е на кратко твојата Гевгелија?
 
„Токму онаа која е во книгата „Гевгелисувајне“. Знам дека можеби некој е исто гевгеличанец како мене но ете нема јадено леб и шеќер натопен со вода одозгора како дете додека чека оној што мижи да ги пронајде останатите што се кријат во маалската игра „мижи мала“. Тоа не значи дека тој не е гевгеличанец. Туку тој има видено или живее една поинаква Гевгелија. Мојата слика за Гевгелија ете ја напишав и се обидов да ја стокмам во само околу 170 страници. Тоа е најкратко што можев. Но не е цела. Таа уште се црта, пишува, па живи-здрави. Најважно ми е што сликата ми е мошне интензивна и постојано присутна.“
 
– Дали оваа книга е туристички водич или фалбаџиско тефтерче на гевгелиските убавини ?
 
„Токму така. И двете е. Сами ако не се пофалиме кој тоа ќе го стори. Нема во книгата да најдете критика за Гевгелија. Не оти таа е беспрекорна. Туку оти нѝ е една. Таа нѝ е. Мора да си ги ставаме напред убавините, па во нивните сенки нека си седат незабележливи фалинките.“
 
– Што всушност означува зборот Гевгелисувајне, дали е тоа посебен, гевгелиски стил на живеење од рано наутро до доцна навечер?
 
„Еве ќе пренесам краток пасус од предговорот во книгата: Гевгелисувајне не е само состојба на умот, иако и како таква си личи. Не е маестрална ракотворба, умотворба ниту духотворба, иако и како таква си личи. Гевгелисувајне е процес, дејствие, променлив тек во лице, род и број. Раѓајне, работејне, шетајне, алантисувајне, занесувајне, имајне или немајне, сакајне, залисувајне, давајне, секое сабајле станувајне и к’ве пијајне, живејајне, и не само живејајне туку ЖИВЕЈАЈНЕ, и оште колко сакте додадејте р’боти шо завршават на „…ајне“, и само една ронка ак са топнани уф гивгилиски чирвиш – ето! Тоа е гевгелисувајне.“
 
– Ова е твоја шеста книга, што планира за понатаму гевгелискиот „Аџамија“?
 
„Хаха. Да шеста книга. Со ланската поетска збирка „Љубовно аздисано хаику“ издавачката куќа „Антолог“ ме конкурира за наградата „Браќа Миладиновци“. Тоа самото по себе за мене е награда и таман ми е. А аџамијата? Понекогаш си помислувам дека псевдонимот со кој чат-пат се потпишувам на пишувањата не ми е за на долги стази, оти едно од толкувањата на зборот „аџамија“ е мало дете, или млад човек со луди намери и идеи, па се прашувам дали одговара за некој со 40+. Ама, знаејќи дека и на 80+ ќе сум млад тогаш да. Ми одговара. Како аџамија – не планирам. Ама и уд една ронкичка апсаздан се инспирирам“.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *