НА 14 ЈУЛИ СЕ СЛУЧИЛА БИТКАТА НА „НОЖОТ“, НАЈКРВАВАТА И НАЈВЕЛИЧЕСТВЕНА СТРАНИЦА НА МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА ПО ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ

WEB Телевизија во живо

Педесет и четири Македонци ја испишаа највеличествената страница на македонската историја по Илинденското востание, саможртвувајќи се на каменестиот врв Ножот во близина на Плетвар, пред 109 години на 14 јули 1907, на вториот ден по Петровден. По долгата борба со турскиот аскер на жешкото јулско сонце, откако им снемува муниција, преостанатите живи комити легнале врз последните бомби и колективно заминале во смрт.

Војводите кога разбрале дека ги следи триилјадниот аскер, ден пред трагедијата решиле да се повлечат, сметајќи дека е голема лудост директно да се судрат со војската. Меѓутоа, за тоа не сакале да слушнат младите момчиња сместени на Ножот. На врвот била целата Костурска чета од триесетина луѓе, а со нив и по десетина четници од Велешката и од Прилепската чета. Војводите не биле со нив, биле долу на состанокот. И кога виделе дека комитите на Ножот не се повлекуваат, им испратиле курири со наредба да се повлечат.

Тогаш, 19- годишниот Атанас Попов од костурското село Шестеово, кој привремено командувал со четата и Трендафил Думбалаков од село Суха, Солунско, преку курирот порачале: „Ќе им кажете на војводите дека костурци го сметаат решението на Војводскиот совет необврзувачко за нив. Таа заповед ја наоѓаме за неумесна и нереволуционерна. Опфатени сме од оган, гориме и сме дошле да изгориме. Сакаме да умреме со достоинство. Кажете им на војводите дека нашето решение е неповратно. Друга позиција нема да бараме. Ќе останеме на Ножот“.

Еден од костурчаните додал: „Не сум дошол да јадам кокошки во Македонија, туку сум дошол да се борам“. Таквата одлука на голобрадите момчиња од Костурската чета ја прифатиле и четниците од Велешката и од Прилепската чета. Така почнала највеличествената и истовремено најтрагичната битка по Илинденското востание. Аскерот го командувал искусниот мајор Енвер-бег, кој ги познавал сите тактики на војување, а против себе имал млади неискусни момчиња, лудо вљубени во својата татковина. Пеколното сонце ги печело за цело време на битката, а на височинката на Ножот никаде немало ни сенка, ни вода да ја згаснат жедта и да ги изладат загорените души.

Битката почнала во зорите и со секој час се разгорувала сѐ повеќе. Комитите гинеле еден по еден, не отстапувајќи ни педа земја. Бојот завршил доцна попладне кога им снемало муниција, а сонцето требало да дооди уште една ортома за да зајде. Тогаш била донесена судбоносната одлука. Тие што останале живи легнале врз неколкуте преостанати бомби и ги активирале. Одекнала силна експлозија која се слушнала до околните села, а делови од распарчените тела паднале врз аскерот што стасал на врвот.

Одеднаш на Ножот настапил молк, сѐ било неприродно спокојно, а потоа војниците се нафрлиле врз мртвите комити и почнале да ги соблекуваат и ограбуваат. Стасал и нивниот командант Енвер-бег и кога го видел тоа, им наредил: „Никој не смее да се добере да ги нагрди хероите! Гледате како комитите ја презираа смртта?! Се бореа и умреа како херои!“. Потоа дал команда со три плотуна да им се оддаде почит на загинатите.
 
Од загинатите на Ножот се познати имињата само на шестмина. Се знае дека таму се жртвувал за слободата на Македонија Атанас Попов од Шестеово, Костурско; Трендафил Думбалаков од село Суха, Солунско; Милан Петров Топличанец од Топлица; Димко Јованов – Газдата од Прилеп; Најдо Андреев Арсовски од Папрадишта, Велешко; и Петко Којчев од Панаѓуриште. Загинатите се закопани без идентификација од селаните на Никодин, по наредба на Енвер-бег.
Загинатите на Ножот не се единствените жртви што ги даде македонскиот народ тие денови. За да им помогнат на опколените на Ножот, комитите воделе битка и во Јасенова Глава, на Попадинските Чукари и на други места, така што вкупниот број загинати е 77.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *