81 ГОДИНА ОД РАЃАЊЕТО НА ИЛИЈА КАРАЈАНОВ

WEB Телевизија во живо

„МАКЕДОНСКИТЕ КУЛТУРНИ И УМЕТНИЧКИ ДЕЛА СЕ СО СВЕТСКИ ВРЕДНОСТИ“.
 
Гевгелија отсекогаш имала богато литературно творештво на плеада литературни творци, кои оставиле белег во македонската литература.
Еден од тие творци е Илија Карајанов, поет, есеист и критичар. Роден е во Гевгелија на 8 јули 1943 година, почина на 25 јануари 2016 година.
 
Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работеше како професор во гимназијата „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија. Член на ДПМ од 1987 година. Автор е на стихозбирките: Сончогледово око (1978), Цветови на слободата (1979), Полноќен сонопис (1987), Сономорје (1991), Слики од југот (1995), Зорници во сонот (1997), Сонети без почеток и крај 1999), Свилени звуци (хаику поезија, 2000).
Добитник е на највисокото општинско признание за животно дело „7 Ноември„ за значајни постигнувања во областа на културно-воспитната дејност.
 
Борбата на Македонецот е долга и напорна.И денес се уште е актуелна мислата дека да се пишува на македонски јазик,значи борба,бескомпромисен чин.
-Македонските културни и уметнички дела се со светски вредности.Тие достојно го афирмираат нашиот дух кој е фасцинантен и има есенцијални и етички димензии.А,сонцето еднакво ги грее и големите земји.
 
Малите градови имаат своја душа. Го чувствувам пулсирањето на Гевгелија и сребрената душа на нашата младост. Низ градот се започнуваше едно бескрајно корзо, заизворуваше една младост која се противставуваше на минливоста, сакајќи да биде вечна. Гевгелија беше град на една светлосна хармонија, град на свилената буба, на медитеранските цвеќиња, град на дух, драматична вертикала на самоискачување. Старата чаршија во нашите сонови продолжи да младее со својата срмена душа, бакалници, тепсии, ќепенци, калдрми, древни двери, мангала, вршници, плетени кошници, ѓумчиња, ѕвездени ѓердани, провиденија.
 
Етимолошки, чаршијата значи средба ( „чарши гу„), вкрстување на две улици, на два сокака, на многу патеки.
Гевгелија е град на уметноста, на археолошкото богатство, смисла на животот. Една младост се сеќава за кино претставите во „Соколаната„ а потоа во „култура„ и летната бавча. На првите игранки, повторно во Соколаната и во монополската бавча на „Арапска куќа„, на Градската кафана „Задругар„ и истоимената бавча, на врелите вардарски плажи, на серенадите… Еден музиколог запишал „Кога ќе го чујам она „Трба трби гевгелиско…„, верувам дека тој звук надоаѓа од небесата и дека е тоа химна на сите богови и на сите луѓе на земјата.
Ние допрва ќе ги одгатнуваме тајните и на нашите зборови и на нашата музика„
 
Еден неверојатно питом и култивиран карактер, човек со богат дух и душа. Скромен до крај, небаре јуродив, монах а полн со интелект, ерудит кој никогаш не му подлегна на нарцизмот на суетата. Човек и поет во едно, кој во поезијата повеќе сакаше да се изразува со Ние, отколку со јас, човек со космополитски хоризонт и голем родољуб, ќе рече за Карајанов, неговиот колега Ефтим Клетников.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *