ЗА МНОГУ ГОДИНИ СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ, БРАЌАТА КОИ НЕ ОПИСМЕНИЈА НАС И ЕВРОПА !

WEB Телевизија во живо

Колку е извонредно важна и суштинска мисијата на светите браќа Кирил и Методиј говори фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи.
Светите Кирил и Методиј во Православната црква се прославуваат како „Свети рамноапостолни Кирил и Методиј, учители словенски“.
Кои се Светите Кирил и Методиј? – Тие се еден владика и еден калуѓер: Кирил бил монах, а Методиј епископ и архиепископ. И двајцата биле многу учени луѓе. Вброени се меѓу најучените во цела Византиска империја.

Нивното потекло било од Македонија. Тие го познавале својот народ и мајчиниот јазик. Затоа, на тој јазик го создале и првото писмо, азбуката и ги поставиле правилата за пишување.
Зошто создале азбука и писмо? Браќата го направиле тоа, со мисла за подобро да ја исполнат својата желба, а нивната желба била да Му служат на Бога, проповедајќи го Неговото спасително учење меѓу својот народ и тоа, на разбирлив народен јазик и писмо. Само така може да се објасни и да се сфати делото што го правеле овие Свети мажи.
И прво нешто што напишале со новите букви било Евангелието. Тие го превеле Светото писмо на мајчин јазик, на старомакедонскиот словенски јазик со македонско наречје. А по Библијата, ги превеле и богослужбените книги, за да воведат богослужби на словенски јазик и да го зајакнуваат народниот дух на словенскиот род.

Кон тоа можел да ги повлече само патриотизмот, како родољубиви Словени. Дека, пак, Светите Кирил и Методиј својата родна земја Македонија ја чувствувале како своја татковина, а Македонците за свој род, говорат и текстовите од Службата на Свети Методиј, во која се вели дека „остави род и татковина“ и замина да живее со „светите отци“.
Константин или со монашкото име Кирил, поради големата ученост бил наречен филозоф, а станал и учител во тогаш најпознатата Магнаурска школа во Цариград, а царицата кај него го дала на школување царскиот син.

Тој високо се издигнал и во богомудрието. Затоа бил назначен и за библиотекар на Патријаршијата во Цариград, што подразбира хартофилакс, односно доверлив секретар на патријархот, со големи права и овластувања. Што би значело, уста и рака на патријархот. Знаел многу јазици: грчки, латински, словенски, еврејски, самарјански и други.
Сепак, за двајцата браќа најважна е Моравската мисија, која што е важна и за иднината на сите Словени. Иницијативата за оваа мисија ја дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземел мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено, побарал да му испратат луѓе кои ќе го проповедаат Божјото слово на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. 

Но, и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол, му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата) и за првите преводи од грчки на словенски јазик, Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.
 
Стефан Тановиќ во своите записи од Гевгелиско вели дека „Св. Кирил и Методиј“ е нов празник кој од скоро почнал да се споменува и да се слави. Го празнуваат само Србите и Бугарите, како Словени, додека Грците не сакат ни да слушнат за него. Бугарите го празнуваат и го присвојуваат како нивни празник, додека пак Србите го празнуваат од општословенско гледиште.
Именден празнуваат: Кирил, Киро, Методиј, Мето…

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *