ИНТЕРВЈУ СО НАЈДОБРИОТ ДИ-ЏЕЈ НА ЈУГОТ- dj h2o, КОЈ СЛАВИ 25 ГОДИНИ КАРИЕРА!

WEB Телевизија во живо

„КЛУЧОТ НА УСПЕХОТ ВО МОЈАТА РАБОТА СЕ – ПОСТОЈАНОСТ И ПРИЛАГОДЛИВОСТ“.
 
„ЕДЕН ОД НАЈВАЖНИТЕ НАСТАНИ ВО МОЈАТА КАРИЕРА МИ Е ПРВАТА ДНЕВНИЦА КОЈА БЕШЕ ЦЕЛИ 100 ДЕНАРИ“
 
Диск-џокеј (скратено диџеј; доаѓа од англискиот збор disk jockey,, таканаречен „јавач на плочи“ — личност што одбира и пушта музика, со задача да забавува други луѓе.
Диџеите можат да се сретнат на радио-станици, како и во ноќни клубови и на свечености (свадби, изложби, спортски настани). Нивната улога во културниот живот е огромна, исто како и нивното влијание врз развивањето на истиот.
Овој пат , по повод 25 години од неговата кариера, разговараме со еден од најпознатите и најдобри ди-џеи во јужниот дел на Македонија, Никола Јованов- попознат како dj h2o, и долгогодишен водител на Радио Тајм – ФМ.
 
Здраво dj h2o! Кога и како започна твојата кариера?
 
-Почетоците на мојата кариера датираат од крајот на претходниот век. 🙂 Уште од тогаш веројатно сум „намирисал“ дека ова е тоа што ме исполнува, каде што јас би можел да се докажам и да се реализирам. Како верен слушател на гевгелиските радиостаници, се јавував во контактни емисии и речиси сите награди ги собирав.🙂 А подоцна истото се префрли и кај национални радиостаници и телевизии. Кога мојата генерација беше зависна од хитовите од екс Југославија, јас бев преокупиран со Ем-Ти-Ви. Еден тогашен грчки телевизиски канал го реемитуваше британскиот Ем-Ти-Ви и морав секојдневно да се качувам на кров за да ја насочувам антената за да гледам поквалитетен сигнал. Ја запишував секоја недела британската топ листа во тетратка и сè уште го чувам тој спомен.
 
Kоја ти беше твојата прва емисија на Радио Тime FM?
 
-Почетоците со микрофонот и со емисиите во живо ми се од средината на 1999-та година, кога го водев официјалниот „Тајм Топ 10“ (подоцна се претвори во топ 20 формат). Подоцна како средношколци имавме и викенд-емисија со Мики и бевме хит меѓу нашите генерации. Инаку, на радио пред микрофон би бил 24/7, но на јавен настап пред публика сè уште имам голема трема.
 
Како ти поминаа овие 25 години? Кои беа твоите најважни моменти во кариерата?
 
-За овие 25 години работев континуирано и радио и диџејство без прекини, освен периодот за време на короната кога угостителските локали не функционираа со полн капацитет. Статистиката за овие 25 години кариера бележи над 3000 настани од отворен тип и над 500 приватни забави. Мојот музички потпис стои позади незаборавни музички забави со вариетет од музички жанрови според стилот на присутната публика, од тренди хитовски битови до ретро подзаборавени ритмови кои најдобро ја размрдуваат секоја публика. Моите плејлисти содржат нумери на многу јазици, особено ако биле за душата на странски гости на приватни забави. Особено ми се драги оние со ретро македонска музика, кои одекнаа низ целата наша земја подоцна.
Како еден од најважните настани во кариерата ми е првата дневница, која изнесуваше 100 денари. Таа искра од мотивација тогаш и поривот – ова е тоа од кое што сакам да заработувам – ме однесоа на пат кој покажа дека интуицијата била непогрешлива. Дека не мора да се следат социјалните стандарди за работа, дека работата/кариерата се создава, а не се наоѓа. Низ годините научив дека клучот е во две компоненти – постојаност и прилагодливост. Па така постојано и будно го следам секој музички новитет и случување, без разлика на локација на мапата.
 
Кажи ни зошто остана во Гевгелија, а не замина во Скопје или надвор?
 
-На почетокот на кариерата имав амбиции да работам во Скопје, но можеби скромноста ме спречила да станам „поголем”. Мојот принцип на работа е old school – не се нудам, немам менаџер, едноставно оставам добрите коментари и впечатоци на публиката да си го направат своето за следен ангажман. Друг „проблем” е тоа што не сум се „здружил“ кога требало со автомобил, односно не возам, иако имам положено. Всушност, мислам дека кога сум одбирал, тогаш несвесно, сум одбрал да работам дома, наместо надвор од Гевгелија.
 
Какво е чувството да забавуваш луѓе пуштајќи им музика?
 
-Па, искрено убаво е кога енергијата ја споделуваш со присутните, со публиката, а тие ти враќаат на ист начин. Таа енергетска размена ја „вози“ вечерта, забавата. Порано се подготвував многу повеќе за сет, зашто музиката не беше така достапна како сега. Често знаело да се случи да имам големи очекувања од некоја вечер, но било далеку од очекуваното, а и обратно – кога навидум обична вечер се претворила во таква за паметење и раскажување и да ја задржи публиката и попоследната песна. Ние диџеите ретко добиваме бакшиш, но иако бил еден од најмалите, би издвоил кога еден странски гостин ми ja побара Matt Monro – The Music Played. Можеби мојата најпозитивна страна е што знам да се прилагодам секаде и во секаков амбиент. Веројатно не сум најдобриот на овие простори, но сигурно сум меѓу најспремните.
 
Има ли некоја специфична забава која би можел да ја одвоиш?
 
-Па, не можам да одвојам, но интересен ми беше периодот кога бев резидент диџеј во локално кафуле до 1 часот, и веднаш после тоа се префрлав во клуб до 4 часот и тоа 4 дена во неделата траеше прилично долг период. Не би можел да издвојам некој посебен момент или забава, можеби само ќе ја спомнам забавата која ја организираме со колегите од Тајм Фм, „Не дај се генерацијо”, каде што главно се врти музика од минатиот век и е убава прилика генерациите кои растеа во времето на дискотеките „Банго“, „Лав“, „Ава“ во Гевгелија, да се потсетат на, како што велиме,убавите времиња.
 
Каква е диџејската сцена во Гевгелија и во Македонија во моментов и имаш ли идоли во оваа твоја работа?
 
-Како што и реков малку погоре, сега е многу полесно од порано. Идоли немам, но, од Македонија ги почитувам Никифор и Гоце како доследни на стилот на кој ја изградиле кариератаи, покојниот Бабура кој беше неприкосновен во тоа време. Во денешно време за да станеш диџеј ти требаат не многу финансии и пристап до интернет кој во денешно време го има секој.
 
Кои три песни никогаш не ти е досадно да ги слушаш?
 
-Па може и трите да се од Coldplay, кои за скоро ќе ги гледам во живо и со тоа ќе си ја остварам животната желба, да бидам близу до моите омилени артисти.
 
Каква музика слушаш во слободно време ?
 
-Музика и не слушам многу кога сум дома или каде било, но секогаш дома ми „свири“ Ем-Ти-Ви со музики од минатиот век и песни кои за мене, а верувам и за сите со малку познавање од музика, се далеку поквалитетни од оние кои се создаваат денес.
 
Што најмногу ти пречи во нашиот музички етер во денешно време?
 
-Уфффф, ми смета тоа што локалите сите сакаат да наликуваат еден на друг, ретко некој да знае што сака, да изгради свој стил, свој потпис. Иако се вложува многу во ентериер, секогаш кога доаѓа до моментот разглас, таму се потфрлува. А тоа што се слуша 24/7 радио кое сите го слушаат, тоа е друг муабет. Според мене секој локал може да си направи и сопствено „радио”, доколку знае што сака. И само треба да побара. Би било уникатно секое кафуле, со посебна атмосфера, не само „препишано“ од комшиите.
 
Што би бил кога не би бил диџеј и радиоводител?
 
-Па искрено не се гледам себеси во некои други води, можеби нешто со податоци, со нешто кое бара педантност, дисциплина … Но, мислам дека лесно би се прилагодил на што било и да работам. Иако музиката е и секогаш ќе биде мојот дом.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *