ЕДНА ГОДИНА ОД СМРТТА НА ПРОФ. ДР. ТОМЕ МАНЧЕВ

WEB Телевизија во живо

ЕДНА ГОДИНА ОД СМРТТА НА ПРОФ. ДР. ТОМЕ МАНЧЕВ:
ВО МОЈАТА РОДНА КУЌА БРОЈ 21 НА УЛИЦА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ БЕШЕ ЗАРОБЕНО СЕТО МОЕ ДЕТСТВО.
Се наврши една година од заминувањето во вечноста на професорот, композитор, доктор Томе Манчев. Томе Манчев беше голем човек со исклучителна професионалност, со целосна посветеност и со неисцрпна инспиративност, беше ментор кој несебично ги споделуваше своите идеи и искуства и своето огромно знаење. Тој беше композитор и професор кој приоѓаше кон секој проблем со перфекционизам со стремеж тоа што ќе се изработи и што ќе се создаде да биде совршено и беспрекорно.
 
На прашањето какви спомени носи од младешките денови поминати во неговата родна Гевгелија, градот на смоквите и калинките, Манчев со воздишка, во интервјуто за ТВ Нова 12, направено пред неговата смрт одговари дека не постои модус кој може да ги орами и генерализира сеќавањата и чувствата кон Гевгелија.
 
Сепак вели дека во куќата на улицата „Браќа Миладиновци„ бр. 21, во близина на црквата Свети Спас започнал неговиот животен пат. Се сеќава на лозницата која ја посадиле во дворот со својот дедо Васил и на пролетниот воздух со мирис на риба, ситниот дождец и јужниот тежок воздух. Подоцна овие сеќавања ги вметнува во Сонатата за виола и пијано и Сонатата Ламентозо за виолина и пијано посветена на несреќниот крај на Ристо Мурџев. Се сеќава како трчал како дете по свадбарските музички состави, се сеќава како прв пат видел странец со гитара како седи на ѕидната ограда спроти Пионерскиот дом во близина на Бункерот, што подоцна го поттикнало од една даска и со еден срп да се обиде да направи своја гитара која никогаш, нормално не засвирила, бидејќи како жици ги користел дебелите жици од дедовата ограда. Сепак, желбата за гитара му се исполнила кога татко му во петто одделение му купува обична а во осмо и електрична гитара. Се сеќава како во петто одделение пред Костурницата на паднатите херои во Гевгелија го следел настапот на воениот оркестар од Струмичкиот гарнизон, се сеќава на серенадите специфични за Гевгелија, се сеќава на првиот концерт во први клас гимназија на учениците од Музичкото училиште од Скопје, се сеќавам на првиот настап на Македонската филхармонија во Народниот театар во Гевгелија во 1967 година. Сето тоа создаваше во мојата душа, вели Манчев, бурни емотивни потреси, силни чувства, вулкан од желби да и се посветам на уметноста на тонот и ритмот која според дефиницијата на музикотерапијата е лек за душата. Сметам, вели Манчев, дека во детството е сокриен најмоќниот генератор на фантазијата и идеалот на преостанатиот дел на младоста па и на зрелиот и завршниот дел од животот на една личност.
 
Композиторот Томе Манчев е роден во Гевгелија 1950-та година. Средно образование завршува во градската гимназија, дипломира на ФМУ во Скопје а знаењето го надградува со највисокиот степен на студии – уметничка аспирантура во Прага. Докторира на Музичката академија во Софија и станува доктор по уметнички науки од областа на Оркестрацијата. Томе Манчев е редовен професор на факултетот за музичка уметност. Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои се издвојуваат највисоката награда на Сојузот на композиторите на Македонија „Трајко Прокопиев„ за животно дело како и наградата за животно дело од Музичките педагози на Македонија. Од 1979 година па се до денес илјадници слушатели, ученици и студенти добиле професионален патоказ, кој ги води низ нивниот уметнички, професионален и педагошки процес.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *