ВО ГЕВГЕЛИЈА НЕ РАБОТАТ СИРЕНИТЕ ЗА ТРЕВОГА, А НЕМА НИТУ ЈАВНИ ЗАСОЛНИШТА!

WEB Телевизија во живо

Гледајќи ги на телевизиските екрани  сцените од војната која се води во Украина, каде на звукот од сирените со кои се предупредува за напад од воздух, голем број на мажи, жени и деца бегаат во засолништата, сакавме да дознаеме дали во Гевгелија има сирени за тревожење и скривници каде би можеле граѓаните да се засолнат при евентуална било каква опасност.

Она што го дознавме не остави , што се вели без текст. Не знаеме како е во другите градови, но според информациите кои ги добивме од Центарот за управување со кризи (ЦУК), како и од Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ) во Гевгелија,  заклучивме дека во Општина Гевгелија постојат сирени за тревога, но не се исправни,  постојат само четири засолништа и тоа во поедини институции, додека пак во зградите такви места каде луѓето би можеле да се засолнат, при евентуален воздушен напад, нема.

Сирени за тревога во Општина Гевгелија  има, и тоа 16, од кои 14 се во градот Гевгелија и по една во населените места Негорци и Миравци, велат од гевгелискиот ЦУК. Речиси секоја година се ветува од секоја влада и министерство за финансии дека ќе се одвојат средства за да се модернизира системот за алармирање на населението, но од тоа до сега нема ништо.  Ние, деновиве испративме допис до Центарот за кризи во Скопје и побаравме насоки за тоа како да ги поправиме овие сирени, ни кажаа од  Центарот за управување со кризи во Гевгелија. На прашањето кога за последен пат тие биле тестирани, ни беше одговорено дека тоа се случило на почетокот на 90-те години од минатиот век, пред распадот на Југославија.

Што се однесува до тоа дали постојат  засолништа во Гевгелија во кои луѓето ќе може да се засолнат во случај на било каква опасност, одговор побаравме во Дирекцијата за заштита и спасување, бидејќи тие се  во нивна надлежност. Од таму добивме информација дека во Општина Гевгелија не постојат јавни засолништа, а ниту пак зградите имаат такво нешто, додека, велат од ДЗС постојат само четири скривалишта во поедини институции, како што се на пример Основниот суд, Детската градинка или фабриката „7-ми Ноември“. Од ДЗС  не информираа исто така и за фактот дека објектите кои се градат немаат обврска при добивањето дозвола од страна на Општината за градба да приложат елаборат за градење засолниште, и тоа важи заклучно од 2008 година.

Бидејќи Гевгелија е погранична општина, ни се поставува логично прашањето, како граѓаните на нашиот град ќе бидат известени за евентуален воздушен напад, или било каква друга опасност, и, што е уште поважно каде би побарале засолниште, ако не постојат јавни засолништа а има само четири скривалишта во некои од институциите?

Ситуацијата во Општина Гевгелија во овој поглед е алармантна, и час поскоро надлежните институции треба да ги преземат потребните активности, затоа што никогаш не може да се предвиди кога тие ќе ни бидат потребни, а од друга страна, со исправни сирени за тревожење и поголем број на функционални скривници, граѓаните би се чувствувале посмирени. Затоа  што, како вели народот, ѓаволот ни ора ни копа.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Еден коментар за “ВО ГЕВГЕЛИЈА НЕ РАБОТАТ СИРЕНИТЕ ЗА ТРЕВОГА, А НЕМА НИТУ ЈАВНИ ЗАСОЛНИШТА!

  1. Здраво.Внимателно го прочитав текстот и се прашувам дали ви е намерна грешката или се прикриваат информации.Велите дека Гевгелија има четири скривалишта а набројувате три.Е сега јас да ви кажам каде е четвртата.Таа се наоѓа во дворот на поранешна алатница каде по проект има асфалтирана улица а на јаве никаде ја нема и каде наскоро истата скривница ќе биде рушена се со цел да бидат изградени згради на тоа место.Со закон сривалиштата не смеат да се рушат и зошто сите овие информации се кријат а институциите не реагираат тоа вие треба да откриете.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *