НИКОЛА ТАНЧЕВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФК „КОЖУФ“:

WEB Телевизија во живо

„ НАШИТЕ АМБИЦИИ ОВАА ГОДИНА СЕ ДА БИДЕМЕ МЕЃУ ПРВИТЕ 6 ЕКИПИ НА ТАБЕЛАТА И ВЛЕЗ ВО ЕДИНСТВЕНАТА ВТОРА ЛИГА ДОГОДИНА“
 
Фудбалскиот клуб Кожуф е еден од најстарите фудбалски клубови во Македонија. Формиран е далечната 1922 година од минатиот век. Времињата и генерациите се менувале, а останувало исто името-Кожуф.Низ сите десет децении,почнувајќи од онаа пролет 1922 година, кога првите фудбалери го облекоа црвено-белиот дрес, името и бојата на дресовите остануваат исти.
Кжуф, со години е во втората лига, а гевгеличани се надеваат дека новата управа,како и општината, ќе најдат сили и средства, ФК Кожуф, во иднина, да стане она што некогаш беше, респектабилен член на Првата македонска фудбалска лига.
За таа цел разговаравме со претседателот на Клубот и некогашен активен фудбалер на гевгелискиот тим, Никола Танчевски.
 
1. Како поранешен фудбалер, сигурно за вас е предизвик да бидете претседател на клуб со долгогодишна традиција и би рекол гордост на Гевгелија
– Фудбалскиот клуб „Кожуф“ е клуб со навистина голема традиција, низ него поминале голем број одлични играчи, како од нашиот регион така и од Македонија и надвор од неа. Секако, довербата што ми е дадена да бидам претседател на еден таков клуб, за мене претставува голема чест и предизвик, како поранешен играч на овој клуб.
 
2. Во каква финансиска ситуација го затекнавте клубот?
– Клубот го затекнавме во навистина лоша финансиска ситуација, но јас, заедно со членовите на Управниот одбор, и пред се благодарение на огромната поддршка од градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, правиме се, и на вистински пат сме да ја стабилизираме финансиската ситуација во клубот.
 
3. Есенскиот дел го завршивте на 5-то место, оваа година се чини амбициите да се борите за првите две места се минимални, веројатно ќе сакате да бидете некаде на средината на табелата, и ќе работите на консолидирање на ситуацијата во клубот.
– Добро рековте, оваа година нашите амбиции се да бидеме меѓу првите 6 екипи на крајот на првенството, а со тоа наредната година да се натпреваруваме во единствената Втора Македонска фудбалска лига
 
4. Каков е здравствениот билтен во моментот, по повредите на некои фудбалери и операцијата на Зумровски?
– Подолго време не мачат проблемите со повредените играчи. Поради повреди, надвор од тимот се Зумров, Костадинов и Јанкулов, потоа Стојков, кој се повреди пред почетокот на првенството, како и Терзиев кој настрада во еден дуел на натпреварот со „Саса“.
 
5. Има ли потенцијал ФК КОЖУФ да се бори за влез во првата лига во догледно време и кои се предусловите за такво нешто?
– Моментално, приоритет ни е целосната консолидација на ситуацијата во клубот, па се надевам дека во догледно време ќе се создадат потребните услови, се разбира со добри игри, да се направи тој посакуван чекор напред кон влегувањето во Првата фудбалска лига.
 
6. Неодмна се потпиша меморандум за соработка со Работнички, што значи тој за клубот?
. – ФК „Работнички“ е еден одлично организиран клуб на сите нивоа и еден од најуспешните фудбалски клубови во Македонија. Мислам дека соработката со нив ќе ни биде од голема полза за натамошниот развој на нашиот клуб. Таа ќе се одвива преку едукацијата на наши тренери, , со организирање пријателски натпревари, со квалитетно скаутирање и селекција на млади фудбалери од овој регион. Како клуб, чест ни е и задоволство што потпишавме ваков Меморандум, па ја користам можноста да изразам голема благодарност до нивниот претседател, Драган Поповски
 
7. Оваа година Кожуф доби ваучер од 950.000 денари, за разлика од претходната, каде што сумата изнесуваше 2 400.000 денари, иако бодирањето беше исто.Според вас која е причината за вакво драстично намалување?
– Ние, како клуб, навремено ја поднесовме целокупната документација до Агенцијата за бодување, но за жал, оваа година има голема разлика во распределувањето на средствата за разлика од минатата година. Одговорот зошто е тоа така треба да ни го дадат луѓето од Агенцијата за млади и спорт.
 
8. Како сте задоволни со работата со првиот тим, а особено со пионерските и младински категории, со оглед дека имате и лиценцирани тренери, има ли интерес кај младите да тренираат фудбал?
– Можам да кажам дека за ова кратко време откако сум во клубот, сосема сум задоволен од работата и ангажирањето како на играчите, така и на Стручниот штаб со првиот тим. Во наредниот период ќе бидеме фокусирани на младите категории на фудбалери, со тоа што ќе создадеме услови за поквалитетна едукација и работа на тренерите на овие категории. Тоа го мислам пред се затоа што има голем интерес кај младите од Гевгелија за тренирање на фудбал.
 
9. Оваа година Кожуф слави 100 години од своето постоење, еден е од најстарите клубови во Македонија. Дали може да ни кажете како ќе го прославите овој голем јубилеј?
– Фудбалскиот клуб „Кожуф“ е еден од најстарите клубови во Македонија, па затоа овој 100 годишен јубилеј планираме да го одбележиме на еден достоинствен начин, онака како што доликува на еден клуб со толку голема традиција.
Ви благодарам

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *