ИЗЛОЖБАТА „НАИВНАТА УМЕТНОСТ ВО МАКЕДОНИЈА“ ОТВОРЕНА ВО ГЕВГЕЛИЈА.

WEB Телевизија во живо

Малкумина знаат дека нашиот сограѓанин Георги Хаџи Наков- Гисник, освен што е важен за современите појави на уметноста тука, во Гевгелија и во регионов, туку може да се смета и за предвесник на наивата.
 
Национална установа Музеј – Гевгелија приреди вистинско уживање за љубителите на уметноста во Гевгелија, особено за оние кои ретко имаат можност во нашиот град да присуствуваат на Изложба на дела од Македонски наивни уметници.
Во петокот, на 11 март, во Уметничка галерија Амам – Гевгелија беше отворена изложба и промовирана книга посветена на македонската Наива од авторот Гоце Божурски.
 
На отворањето на изложбата најнапред говореше директорот на Музејот во Гевгелија, Бобан Хусеновски. Тој го изрази своето огромно задоволство што по изложбите во Скопје и Куманово, Гевгелија е третиот град кој има можност да види дел од сликите создадени од наивните уметници од Македонија, за кој тој вели дека се „сликари во Недела“, и му се заблагодари на куратотот Гоце Божурски што оваа изложба ја донесе и во Гевгелија.
Авторот на изложбата, Гоце Божурски истакна дека официјализирањето на „наивната уметност“ започнува во 1912 г. со издавањето на алманахот „Дер Блауе Рајтер”, кога Василиј Кандински и Франц Марк објавуваат шест репродукции од цариникот Анри Русо. 
 
Некои откривањето на наивата го датираат и порано, кога Пол Сињак во 1885 г. го забележал талентот на Русо и почнал да го вклучува во изложби.
 
Конкретното уметничко вреднување на наивата во светски рамки се потврдува кога „Музејот на модерната уметност“ во Њујорк приредува изложба на европското и американското „народно сликарство“ во далечната 1938 г. Ова дури и неочекувано случување е значајна иницијална каписла за охрабрување не само на творците блиски до оваа област туку можеби и повеќе е свртено кон стручната фела, историчарите на уметноста, теоретичарите и галеристите, бидејќи „пораката за легализирање“ на оваа уметничка појава тогаш била испратена.
 
Историската улога на предводник на просторите на Југославија му припаѓа на Крсто Хегедушиќ, на чија иницијатива на 13 септември 1931 г. на III изложба на групата „Земја”во Загреб, за прв пат биле видени творбите на Иван Генералиќ и Фрањо Мраз.
Зачетоците во оваа творечка област во нашата земја се евидентираат низ активностите на припадниците на најстарата генерација (во периодот меѓу двете светски војни) на велешанецот Саздо Хаџи Петрушев (1909–1995) и гевгеличанецот Ѓорѓи Хаџи-Наков–Гисник (1912–1969) кои се сметаат за предвесници на појавувањето на наивата кај нас.
Вистинското втемелување се одбележува преку делувањето (во средината на петтата деценија на дваесеттиот век) на Вангел Наумовски, нашиот колосален претставник, горостасот меѓу уметниците (кој не е великан само во рамките на наивата туку во современа уметност воопшто) чие значење ги надминува националните рамки.
 
Кон нив, од авторите чиј творечки израз се поврзува исклучиво со наивата, се приклучуваат Љубица Андреевска – Љупка, Боро Арсовски, Ангел Петровски, македонско-полскиот уметник Стеван Поповски и, во поново време, сè уште со целосна посветеност, Васко Ристовски (во сликарството), Љубомир Антоновски, Живко Каровски, Стоимир Веселинов, Петар Давчев, Станимир Стојановски-Мичо, Живко Богатинов, Атанас Атанасов, Ценка Попова Милковска и исклучителниот, автентичен, „архајски и вонземен дојденец“ Владо Стојанов во скулптурата).
 
Дури во 2021 година, значи со 136 години задоцнување, во Уметничката галерија во Куманово за прв пат се организираше изложба на Македонската Наива.
Со изложбата и книгата, рече Божурски, се прави целосен пресврт во нашите сфаќања, а уште поважно е што наивата сега добива институционална верификација и се легитимира не само како естетска туку и како национална културна и уметничка дејност.
Изложбата во Гевгелија ќе биде отворена до 21 март.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *