СЕ ОЧЕКУВА ТЕХНИЧКИОТ ПРИЕМ ДА ПОЧНЕ ВО ЈУЛИ 2022 ГОДИНА
Градежните работи околу Браната Конско и придружните објекти се во завршна фаза на изведување, изјавуваат од турската компанија SERKA TAAHHÜT İNŞAAT.A.Ş, изведувач на овој капитален проект. Веќе се завршени 85 отсто од изведбените работи, и од компанијата планираат техничкиот прием по објекти и во целост да започне од јули 2022 година.
Од таму, за Тв Нова 12 информираа дека Браната Конско требаше да биде завршена навреме, кон крајот на 2020 година. Но, потенцираат тие, поради актуелната состојба со Ковид-19, бавната работа на некои институции, пристигнувањето на специјални материјали и опрема од странство, кои се дефицитарни во Македонија, придонесоа за пролонгирање на предвидениот рок на завршување на работите.
Од компанијата се надеваат дека со подобрување на ситуацијата со вирусот, тие навремено ќе ги завршат сите предвидени градежни работи.
На прашањето колку време ќе биде потребно да се наполни со вода Браната Конско, тие ни одговорија дека оваа брана е со капацитет на акумулација од 21 милиони метри кубни вода и времето за нејзино полнење со вода е една до две години, во зависност од количината на врнежи во тој период.
Од компанијата изразија задоволство од работата и ангажирањето на големиот број на вработени работници од локалните компании, иако клучниот персонал се состои од вработените од компанијата SERKA TAAHHÜT İNŞAAT.A.Ş. Не пропуштија да напоменат дека во Република Македонија постои голем дефицит на стручни кадри кој е потребен за изведување на вака сложена градба.
Инаку, Браната Конско е брана од типот на каминонасипни брани со асфалтнобетонско јадро. Ваквото асфалтнобетонско јадро е составено од специјално проектиран асфалтбетон и се вградува со специјализирана опрема под будниот надзор на стручниот персонал. Овој тип на брани, како што ни изјавија од компанијата се во овој момент многу актуелни во светот, а Конска Брана ќе биде втора во Македонија изградена на ваков начин.
Капиталниот проект, Брана Конско е најголема инвестиција во последните 50 години во Општина Гевгелија. Изградбата на хидросистемот Конско за граѓаните на општина Гевгелија ќе значи реализација на нивната долгогодишна потреба и желба за навремено снабдување со чиста и здрава вода за пиење, вода за наводнување која ќе дојде до нивите и плодните земјоделски површини, до плантажите и фармите, но и вода за полнење на Дојранското Езеро.
Освен за наводнување, водите од акумулацијата „Конско“ и протечните води ќе се користат и за производство на електрична енергија, а ќе се отворат можности и за развој на планинскиот туризам. Проектот е финансиран од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а од Програмата за рурален развој и од буџетот за таа намена се издвоени 40 милиони евра.