ЖАКЛИНА МУЧЕВА, РАКОВОДИТЕЛ НА СЕКТОРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НА ФОНДОТ НА ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА:

„ПОДГОТВУВАМЕ ИЗЛОЖБА ЗА ЖИВОТОТ И РАБОТАТА НА ДОКТОР АЛЕКСАНДАР СИНГЕР ВО ГЕВГЕЛИЈА, А ГИ OTКРИВМЕ ВИСТИНСКИТЕ ПОДАТОЦИ ЗА ДЕПОРТИРАНИТЕ ЕВРЕИ ОД ОВОЈ ГРАД ВО 1943 ГОДИНА“
 
Весникот „Вечер“ во два наврати пишуваше за животот на д-р Александар Сингер , легендата и доајенот на гевгелиското здравство, Тој е една од најинтересните личности која некогаш живеела во Гевгелија. Евреин, по потекло, со своето полувековно живеење во Гевгелија луѓето го прифатиле како свој сограѓанин. И ден денес, тие се сеќаваат на својот омилен „Доко“, народниот лекар кој ја искорени маларијата во гевгелиско-валандовскиот крај, втемелувач на Медицинскиот центар во Гевгелија, основач на Интерното одделение, создавач на шаховскиот клуб „7 Ноември“…
 
Поттикната од овие написи, неодамна во Гевгелија престојуваше Жаклина Мучева,раководителот на секторот за образование на Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија, во домот на гевгелискиот вајар Јордан-Дане Јанев, во чија куќа, доктор Сингер живеел и имал ординација.
Го искористивме нејзиното присуство во Гевгелија да поразговараме за нејзината професионална работа и нејзиното доаѓање во Гевгелија.
 
Вие сте раководител на образовниот центар во Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија. Ќе сакате ли накратко да ни кажете кои се основните цели и задачи на Фондот?
 
Во Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, сė уште нема Центар за образование иако мојата желба е да се оформи таков центар кој ќе биде на регионално ниво и ќе функционира како комплетна поддршка за сите образовни институции. Сега оваа функција ја извршува секторот за едукација.
Фондот на холокаустот е независна, неполитичка, непартиска, доброволна и јавна организација, со својство на правно лице. Целите и задачите на оваа фондација се обемни: Негување на Еврејската култура и традиција и проучување на животот и работата на Евреите на овие простори со организирање на предавања, семинари и други активности од оваа област; Заштита и ревитализација на Еврејските споменици; Собирање на историски материјали и податоци за Евреите на овие простори; Понатамошно унапредување на односите помеѓу сите граѓани на Македонија со еврејскиот народ во светот, како на пример за братство и хармонија на народите и спречување на деструктивни појави, како што се расизмот, антисемитизмот и шовинизмот. Исто така Фондот на холокаустот ги истражува имињата и презимињата на Евреите кои што ги напуштиле своите имоти на територијата на РМ, преку присилна депортација во фашистичките логори, а не го преживеале погромот и немаат наследници.
Во останатите задачи ќе ги споменам и организирање и помагање на духовни, културни и интелектуални дејности со еврејска тематика, како и творештвото воопшто; Учество во публикации и научни трудови на тема меѓунационална и меѓуконфесионална толеранција и соживот; Развивање на форми на ангажирање и учество на Граѓаните Евреи и нивните друштва во севкупниот јавен живот; Одржување на споменот на Еврејскиот холокауст, со цел да се спречат слични геноциди и страдања; Одржување на сеќавањата на Евреите во Македонија, нивната традиција и нивниот двомилениумски придонес во сите сегменти на заедничкото живеење.
 
Како, на кој начин и преку какви форми Фондот ги остварува овие свои задачи и цели?
 
Јас ќе ги споеман само образовните активнсоти кои ги реализираме во текот на годината. Нашата задача е да ги едуцираме учениците кои доаѓаат во Меморијалниот центар во посета на постојаната поставка. Со дел од училишната популација одржуваме работилници на одредена тема, нудиме и работни листови кои се обработуваат во текот на разгледот на Меморијалниот центар.
Организираме едукативни семинари за наставници кои работат на тема „Холокауст“. Ваквите годишни семинари се наменети за наставниците кои предаваат историја, македонски и англиски јазик, граѓанско општество и етика во религии. Со активното вклучување на наставниците во овие семинари тие се поврзуваат, изготвуваат и презентираат наставни планови кои би ги користеле во училниците пред своите ученици за време на часовите и ги продлабочуваат своите знаења. Дел од наставниците се ветерани ( оние кои веќе имаат искуство со овие семинари и прават кратки презентации за тоа како ги применуваат научените алатки во училниците со своите ученици).
На нашите работилници доаѓаат и лица со попречености. За секоја категорија на овие посетители имаме соодветни материјали преку кои се запознаваат со културата и традицијата на Евреите. Поставката е обработена и на знаковен јазик. Преку видео клипови за секоја секција се добиваат информации, а текстот од секциите е обработен и на Брајово писмо. Значи комплтна едукативна поддршка за сите кои сакаат да научат нешто повеќе или истражуваат за различни цели.
 
По повод 27 Јануари – Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите од холокаустот, Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Еврејската заедница организираа изложба со наслов:„ Аушвиц – Место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“. Како помина изложбата и дали се планира нејзино претставување и низ други градови?
 
27 Јануари е посветен на сеќавање на трагедијата на холокаустот за време на Втората светска војна во кој систематски биле убиени шест милиони Евреи во логорите на смртта, организиран и спроведен од нацистичкиот режим, неговите сојузници и соработници. Изложбата ја прикажува единствената позната визуелна документација за пристигнувањето на транспорт на Евреи во Аушвиц-Биркенау. Приказната е раскажана и продуцирана од Секторот за патувачки изложби, Оддел за музеи, Јад Вашем. Интересирањето за оваа изложба е големо. На отворањето имаше голема посетеност, а учениците кои доаѓаат овој период во Меморијалниот центар ја посетуваат и оваа изложба. За сега немаме план за да ја направиме патувачка изложба , но темата никогаш не застарува, па може во иднина да стигне и до Гевгелија доколку има заинтересираност.
 
Пред извесно време бевте во посета на Гевгелија. Која беше целта на оваа посета?
 
Неодамна го посетив домот на господинот Јордан Данев – Дане со цел да снимиме видео интервју за животот и работата на доктор Александар Сингер кој долги години бил потстанар кај неговото семејство, а жителите на Гевгелија го паметат како доктор кој бил лекар на сите во градот и несебично го делел своето време со сите на кој им требал. Поминав прекрасно време, снимивме долгоминутно интервју кое ќе биде архивирано во Меморијалниот центар на холокаустот. Господинот Дане ми покажа голем број фотографии, предмети и документи кои се поврзани со доктор Сингер. Уште додека ги разгледувавме и дел од материјалот го документиравме, се договоривме за идна соработка, за заеднички проект кој ќе го реализираме во оваа 2024 година. Неизмерна благодарност од лично име и од име на целиот тим во Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, нему и на неговото семјство кое имав можност да го запознаам.
 
Имавте ли до оваа посета сознание во Фондот за постоењето на доктор Александар Сингер и неговата долгогодишна работа како почитуван доктор во Гевгелија?
 
Да, секако, знаевме за доктор Сингер, но немавме сознанија дека некој чува цело богатство поврзано со оваа личност. Кога велам богатство мислам на се што поседувал Сингер, а е сочувано од господин Дане кој е професионален колекционер и овие предмети, фотографии, документи му значат не само како колекционер, туку и како на човек – некој кој докторот го имал како втор татко.
 
Каква изложба планирате за 10 јуни?
 
Изложбата ќе биде посветена на доктор Александар Сингер. Тој иако не бил член на нашата Еврејска зедница, сепак има еврејско потекло и оставил голем општествен печат со својата работа и се друго што го проценуваме како негов придонес во тогашното живеење на градот Гевгелија и околината. Материјал имаме, добра воља за соработка изрази господинот Дане, желбата е огромна да се реализира овој проект, останува само да седнеме и да го договориме концептот. Се друго понатаму ќе го сработиме професинално за да му оддадем почит на Сингер и се надевам ќе има посетеност изложбата која планираме да ја отвориме на 10 јуни во Меморијалниот цента на холокаустот на Евреите од Скопје.
Кога бевте во Гевгелија, побаравте да ја видите спомен плочата поставена во сеќавање на Евреите од Гевгелија кои заедно со илјадници свои сонародници беа одведени во Треблинка. Забележавте некои неточности во имињата и презимињата на одведените Евреи од Гевгелија.
Според истражувањето на д-р Владо Картов, во Гевгелија Евреите пристигнале во почетокот на 80-те години на 19-от век. Како трговци, тие биле привлечени да дојдат во градот по изградбата на железничката линија Скопје-Солун и тука, во Гевгелија, да отворат свои трговски продавници. Не биле многубројни, а нивните живеалишта биле лоцирани во центарот на градот, западно од денешната зграда на библиотеката, на самата главна улица.
Сознанието дека сограѓаните на депортираните Евреи направиле вечен спомен, во случајов спомен плоча истакната во центарот на Гевгелија е за нашата Еврејска зедница голем хуман, човечки гест. Вакви вредности во современото време на живеење се помалку забележуваме. Но, луѓето кои некогаш делеле многу нешта со сограѓаните, соседите, пријателите од друга етничка заедница, знаат како да го чуваат споменот. Спомен плочата е направена од Сојузот на борци на градот Гевгелија и тоа е голем чин. При посетата на Гевгелија и местото каде е поставена плочата забележавме дека имињата не се совпаѓаат со оние кои ние ги имаме во нашите документи. По враќањето во Скопје, направивме проверка и веднаш го пративме новиот список со ситни промени. Се работи за 11 членови на фамилиите Барзилаи и Мануел. Искрено се надевам дека ќе биде корегирано тоа што треба да се смени.
 
Дали во вашиот Фонд постојат информации колку точно Евреи живееле во нашиот град, колку биле одведени од Гевгелија, и можеби од каде тие дошле во градот и со што се занимавале?
 
Одговорот е потврден. Имаме податоци, имиња на членови на семејствата,нивно сродство, улица каде живееле, со што се занимавале.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *