ВО ТЕШКА СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА, ПРЕД 41 ГОДИНА ЗАГИНА САШКА ПЕТКОВСКА, БИТОЛЧАНКАТА СО БЕЗВРЕМЕНСКИ ГЛАС.

Сашка Петковска-Липша е родена 1951 година ,а трагично загина на 31 август 1983 година во сообраќајна несреќа заедно со уште тројца членови на нејзината балетска група „Авона”, патувајќи на концерт во Свети Николе. Тогаш имаше само 32 години.
 
Повозрасните генерации ја паметат како девојката со најубавиот глас на сите времиња и секогаш насмената Сашка. Не зборуваат многу за неа оти кога и да ги прашате за Липша, очите им се полнат со солзи.
Сашка е родена во Зрењанин, 1951 година и како многу мала се преселува во Битола, бидејќи татко и e воено лице. Основно и средно образование завршува во Битола, а Филолошки факултет, група англиски и француски јазик завршува во Скопје.
 
Уште во основно образование таа пее во пионерските домови, зачленета е во драмски секции и е препознатлива како “девојчето со убав глас”. Ангажирана е од групата „Скромни“, предводена од Славе Димитров, Кире Костов, Сашо Барабанов…
Во седумдесеттите години на минатиот век Сашка е голема ѕвезда. Зад себе има шеесетина снимки, неколку емисии на просторот на бивша Југославија, неколкукратни забележливо успешни настапи на националните телевизии на Австрија, Бугарија, Советскиот Сојуз и Полска.
 
Нејзиното деби на забавно-музичката сцена е на фестивалот во Суботица во1970 г. Следната година е во интернационалниот состав интерпретатори на забавни мелодии на „Кантаџиро“ во Сан Ремо.
Потоа следуваат нејзините настапи на сите фестивали на забавни мелодии во нашата земја, како и учество на „Златен Орфеј“ во Бургас, Р Бугарија. Добива повеќе награди и тоа: Прва награда за интерпретација на композицијата „Еден пораз не е крај“ во Суботица, Втора награда за интерпретација на „Кантаџиро“ во Сан Ремо, Втора награда за интерпретација на „Толку љубов“ во Бургас, Прва и Втора награда на Фестивалот за забавни мелодии – Скопје за „Никогаш, никогаш“ и „Бакни ме“.
 
Сашка Петковска – Липша има околу педесетина снимки на Радио Скопје, шоу емисии и настапи на ТВ Скопје, ТВ-шоу на австриската телевизија и снимка за Интервизија. Најголем успех постигнува со композициите: „Бакни ме“, „Никогаш, никогаш“, „Грижа“, „Среќна сум што живеам“, „Чувство“, „Чао, адио“, „Запри срце“…
Сашка Петковска – Липша одреден период беше и членка на легендарната вокално-инструментална група „Македонија“ предводена од трубачот Благој Чешларов, заедно со Даниела Панчетовиќ, Кирчо Поп Лазаров, Зорица Поп Панкова, Верица Ристевска, Панче Кочовски… Беше сопруга на познатиот естраден работник и менаџер Марио Липша, кој долги години беше на чело на најпознатата естрадна институција во Македонија, здружението на естрадни уметници „Естрада“.
Имаше плодна кариера, безвременски глас, ѕвезда и харизма благодарение на која важеше за една од омилените пејачки на југословенската сцена. Пленеше и со стилот. Секогаш авангардна, дама со изграден и софистициран стил, која светските трендови ги носеше директно на регионалната сцена.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *