ВО СЕЌАВАЊЕ НА ПРОФЕСОР ДИМИТАР ЌОРНАКОВ – ЧЕТИРИ ГОДИНИ ОД НЕГОВАТА СМРТ

„МАКЕДОНЦИТЕ СЕ СЕУШТЕ ДУХОВНО И КУЛТУРНО МЕЃУ НАЈБОГАТИТЕ ВО ЕВРОПА, МАЛ НАРОД КОЈ ИМА ТОЛКУ ГОЛЕМИ ДЕЛА.“
 
Димитар Ќорнаков е роден во 1927 година во Стојаково, а почина на 18 јуни 2020 година во Скопје. Основно образование завршил во своето родно место. Учел богословија во Битола и во Софија, а гимназија во Струмица. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје.
 
Повеќе од три децении работел во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата во својство на историчар на уметноста. Докторирал на Универзитетот во Белград на тема-Творештвото на мијачките резбари на Балканот од крајот на 18 и 19 век. Автор е на повеќе монографски трудови-Македонска резба, Македонски манастири, Резбарски центри во Македонија, а публикувал повеќе од сто стручни и научни трудови во различни списанија. Бил комесар и на изложбите во Болоња и Волос.
 
По дипломирањето полни десет години работел на терен, истражувајќи во сите цркви и манастири, но сепак акцентот го ставил на евиденција на сите икони заклучно со 19-ти век. Во тоа време биле регистрирани преку 25.000 македонски икони, меѓу кои имало и вистински ремек-дела.
Неговите дела ќе остават траен белег во македонското културно наследство и имаат непроценливо значење за историјата на уметноста и за идните генерации.
 
Теренската работа му останува во преден план, продолжил да ги истражува македонските манастири, и сиот материјал, собран од истражувањата, подоцна го обработил и публикувал во десетина значајни монографии. Прв голем научен проект му бил истражувањето на манастирот Свети Никола во Слепче. Таму открива исклучително богат фрескоживотопис, со стари икони, и утврдува дека во овој манастир во 17 век живееле исклучително талентирани зографи и копаничари. 
 
Друг голем проект е истражувањето во Полошкиот манастир, каде истражува пет години, откривајќи многу сензационални податоци од европски формат за вкупната историја на македонскиот народ, а откриените резби подоцна предизвикале огромен интерес во најголемите културни центри во Европа.
Професор Ќорнаков тврди дека македонците се сеште духовно и културно меѓу најбогатите народи во Европа, мал народ кој има толку големи дела. Треба да се гордееме со своето културно богатство зашто ако не што не знаеш дома, не можеш да го презентираш пред јавноста во светот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *