Историчарот на уметноста и публицист проф. д-р Димитар Ќорнаков е припадник на првата генерација македонски истражувачи на средновековната уметност.
На 16 март 2011, во рамките на Гевгелија-град на културата, во Гевгелија се одржа промоција на делата на професор др. Димитар Ќорнаков, македонски историчар на уметноста. Беше преубаво да се присуствува на оваа преубава промоција на овој исклучителен проучувач на творештвото на мијачките копаничари во црквите и манастирите на Балканскиот полуостров. За делото на Ќорнаков зборуваа неговиот издавач Раде Силјан, и неговите пријатели и соработници Паскал Гилевски и Атанас Вражиновски.
Она што беше заедничко за нивните искажувања беше големата почит и љубов кон човекот со кого сите тројца споделувале дел од своите животи, во работа и во секојдневно дружење. Така, Раде Силјан кој прв ја спознал големината на творештвото на Ќорнаков и се решил да ги објавува неговите исклучителни дела, потенцираше дека тој е гордост не само на гевгелискиот крај, туку и на Македонија, бидејќи неговите дела ќе остават траен белег во македонското културно наследство. Паскал Гилевски истакна дека творештвото на професор Ќорнаков има непроценливо значење за историјата на уметноста и за идните генерации, а Атанас Вражиновски евоцираше спомени од целодневните макотрпни истражувања по македонските манастири со професорот Димитар Ќорнаков.
Македонија има 25.000 регистрирани икони
За осумдесетгодишниот професор велат дека е жива легенда на македонската наука за духовното наследство, своевидна институција кога станува збор за истражувањето на нашите манастири, односно богатствата што останале во нив.
Разговорот со професорот Ќорнаков, по промоцијата го започнавме со неговите почетоци. Тој ни кажа дека по дипломирањето полни десет години работел на терен, истражувајќи во сите цркви и манастири, но сепак акцентот го ставил на евиденција на сите икони заклучно со 19-ти век. Во тоа време биле регистрирани преку 25.000 македонски икони, меѓу кои имало и вистински ремек-дела. Сепак, истакнува , дека , како млад истражувач, на почетокот на 60-те години на минатиот век, голем предизвик му било копаничарството, кое во тие времиња никој не го истражувал. Започнал со она што го имало во Македонија а потоа постепено истражувал и во Пиринска и Егејска Македонија, односно во сите цркви и манастири каде што работеле македонските резбари. Седум години го обработувал материјалот, а потоа пријавил докторска дисертација на Универзитетот во Белград. Докторира на мијачките резбари и нивните дела на Балканот. На прашањето зошто не докторирал во Скопје, професорот одговара дека во тоа време во Македонија немало професори од таа област и дека тој бил прв што ги истражувал македонските резби. На два пати, за да ја докомплетира својата монографија, престојувал на Света Гора. Иако добива стипендија од италијанската влада, се враќа во Македонија и станува директор на Заводот за заштита на културните споменици. Создава тим за хемиска и физичка заштита на нашите икони и иконостаси кои биле пред пропаѓање. Тогаш бил спасено од пропаѓање македонското ремек дело, прекрасната резба во црквата Свети Спас во Скопје.
Теренската работа му останува во преден план, продолжил да ги истражува македонските манастири, и сиот материјал, собран од истражувањата, подоцна го обработил и публикувал во десетина значајни монографии. Прв голем научен проект му бил истражувањето на манастирот Свети Никола во Слепче. Таму открива исклучително богат фрескоживотопис, со стари икони, и утврдува дека во овој манастир во 17 век живееле исклучително талентирани зографи и копаничари. Друг голем проект кој го спомнува професорот е истражувањето во Полошкиот манастир, каде истражува пет години, откривајќи многу сензационални податоци од европски формат за вкупната историја на македонскиот народ, а откриените резби подоцна предизвикале огромен интерес во најголемите културни центри во Европа.
Професор Ќорнаков тврди дека Mакедонците се сеште духовно и културно меѓу најбогатите народи во Европа, мал народ кој има толку големи дела. Треба да се гордееме со своето културно богатство зашто ако не што не знаеш дома, не можеш да го презентираш пред јавноста во светот.
Го прашувам професорот дали е задоволен од финансиската добивка за сите оние големи работи што ги направил за Македонија. Добивам одречен одговор. За она што сум го работел досега-вели професорот-мојата финансиска сатисфакција е речиси нула. Најголема моја сатисфакција, продолжува, е мојата желба да спасам од заборав и пропаѓање дел од културно-историското богатство на мојот народ. Мојот животен сон е исполнет со тоа што најголем дел од она што сум го собирал во изминатите пет децении по македонските манастири го имам објавено.
Го оставам професорот да се поздрави и да си помуабети со своите познаници дојдени на оваа промоција, а јас излегувам од салата во хотелот Аполонија воодушевен од сеуште присутниот творечки дух , кој го забележав во неговите очи. Знам дека подготвува нова монографија, и се надевам дека во некое мое друго писание за овој исклучителен деец, ќе може да пишувам и за она што во овој текст не го напишав. За проблемите со кои се соочувал, за односот на државата кон своето културно наследство, за презентацијата во светот, но и за состојбата во која денес се наоѓаат некои наши исклучително значајни културно-историски споменици.