ВО ОПШТИНА ГЕВГЕЛИЈА, И ПОКРАЈ ПАНДЕМИЈАТА, ВО 2020 ГОДИНА БИЛЕ СКЛУЧЕНИ 114 БРАКОВИ, ЗА 18 ПОМАЛКУ ОД 2019 ГОДИНА
Во општина Гевгелија во 2020 година биле склучени 114 бракови. Тоа е за 18 помалку од претходната 2019 година кога биле склучени 132 бракови. Како што информираа од подрачното одделение на Управата за водење матични книги во Гевгелија, оваа 2021 година во првите пет месеци своето судбоносно да го кажале 38 брачни двојки, а во наредниот период се најавени уште десеттина регистрации.
За склучување брак во време на пандемијата се воведоа и протоколи. Присуството на гостите беше сведено на минимум со почитување на пропишаните мерки за заштита, како одржување дистанца, носење маски и дезинфекција.
-На регистрацијата може да присуствуваат матичарот, брачните партнери и нивните двајца сведоци. Присутните мора да носат маски и ракавици и да се држи дистанца од два метра со матичарот. Истото важи и за во салите и за на терен на отворено, додека кога се на отворено може уште пет – шест лица на дистанца со маски. Церемонијата е скратена на 10 минути, посочуваат од Управата.
Инаку, Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на склучените бракови во 2020 година, во Македонија, во споредба со претходната година, е намален за 25.6 % и изнесува 10 278.
Забраната којашто беше воведена, од Владата, за организирање на поголеми прослави, свадби и крштевки, поради состојбата со коронавирусот од 1 јуни се укина, па се очекува бројот на склучените бракови во наредниот период значително да се зголеми.