ВО ОПШТИНА ГЕВГЕЛИЈА НАСКОРО ЌЕ СЕ ОТВОРИ ПРИФАТИЛИШТЕ ЗА БЕЗДОМНИ ЖИВОТНИ

Со Законот за заштита и благосостојба на животните се пропишуваат минималните барања за заштита и благосостојба на животни во однос на нивното одгледување, чување, грижа и сместување.
 
Во членот 28 од овој закон кој се однесува на бездомните кучиња се пропишува дека општините се надлежни да вршат собирање на бездомните кучиња, односно нерегистрирани кучиња и регистрирани кучиња доколку ги затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта. Во овие објекти треба да се обезбеди елементарна заштита на животните од непогодни временски услови и да се обезбеди нивно ефикасно затворање.
 
Токму поради ова, како и поради не така малите финансиски средства кои се исплаќаа години наназад како отштета за граѓани кои биле каснати од кучиња скитници, Општина Гевгелија одлучи да изгради прифатилиште за бездомните животни.
ЈПКД „Комуналец“ – Гевгелија наскоро ќе го отвори прифатилиште за згрижување и хумано третирање на бездомни животни на територијата на Општина Гевгелија. Како што информираше на последната седница на Советот на Општина Гевгелија, директорот Раско Чочков, изведбените работи се при крај и по добивање на дозвола од Агенцијата за Храна и Ветеринарство истиот ќе почне со работа.
 
Со отворањето на прифатилиштето се очекува да се реши еден од горливите проблеми во градот што го предизвикуваат кучињата скитници.
Во населените делови на Општина Гевгелија се предвидува да има третирање на околу 40 до 50 кучиња скитници годишно. Истите ќе минаат третман во прифатилиштето,ќе бидат кастрирани, микрочипувани, а ќе добијат жолта маркица на увото и околовратник. За истите кучиња ќе се води и регистар.
 
За таа цел , на последната седница на Советот на Општина Гевгелија беше донесена Програма за контрола на популацијата на бездомни кучиња на територијата на Општина Гевгелија
Општата цел на Програмата е определување на општи мерки и активности што треба да се превземат на територијата на општината за ефикасна контрола и заштита на популацијата на бездомни кучиња, како и третман согласно прописите од областа на ветеринарното здравство и благосостојбата на животните.
 
ЈПКД “Комуналец” – Гевгелија има склучено договор за извршување на услуга за заловување, стручен третман на кучиња скитници и нерегистрирани кучиња со економски оператор кој ги исполнува со закон пропишаните услови за извршување на опишаната активност. ЈПКД “Комуналец” – Гевгелија ќе постапува и благовремено ќе го извести избраниот извршител на дејствијата, по претходна писмена или усна пријава од страна на граѓаните, но и по сопствено утврдување дека бројот на овие животни на територијата на општината е значително зголемен.
 
Прифатилиштето ќе се одржува согласно санитарно-хигиенските прописи: боксовите во прифатилиштето редовно ќе се чистат, ќе се врши дезинфекција и дезинсекција, а по потреба и соодветна дератизација на целиот простор.
Инаку ЈПКД Комуналец последните три години (2020, 2021 и 2022 година) за ,,Услуги за заловување, стручен третман на кучиња скитници и нерегистрирани кучиња,, на распишани јавни набавки има склучено договори во висина од 28 779 евра или секоја година по 9 593 евра. Таа услуга според склучените договори ја реализира фирмата Анри Вет од Стојаково општина Богданци.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *