Во Италија, македонските граѓани не ќе можат да патуваат туристички. Влез ќе биде дозволен само за работни потреби, итни или здравствени потреби, студирање…
– Со најновата одлука на италијанските власти, Република Македонија се преместува од листа Д во листа Е, со што не е дозволено туристичко патување за државјаните на Република Македонија во Италијанската Република. Притоа, на нашите државјани им се дозволува влез исклучиво за: работни потреби; апсолутна итност; здравствени потреби; потреби за студирање; враќање во својот дом или живеалиште, информира МНР.
Враќање или влез во Италија, се дозволува за оние државјани на Македонија кои имаат регулирано долгорочен престој во Италија и за нивните членови на семејството. При влез во Италија задолжително е да се прикаже пополнет онлајн формулар за локација (dPLF) и негативен резултат од молекуларен или антигенски тест. Покрај ова следува и задолжителна самоизолација и здравствен надзор во период од десет дена. По десетте дена изолација, задолжително е да се изврши дополнителен молекуларен или антигенски тест.