Амбасадорката на Романија во Македонија, Н.Е. г-ѓа Адела Моника Аксиенте, при својата посета на Гевгелија, во Народниот театар го промовираше референтното дело на Петар Атанасов, Речник на современиот мегленоромански дијалект. Професор Атанасов е родум од село Хума и моментално резидент на градот Гевгелија.
„Истовремено, професорот Атанасов е вистински пријател на романската амбасада во Скопје и на Романија. А преку Речникот што ви го претставуваме денес – Речник на современиот мегленоромански дијалект – професорот Атанасов дава уште еден придонес за зајакнување на односите меѓу нашите земји, градејќи врз основа на нашето заедничко културно наследство.“, рече при промоцијата амбасадорката Аксиенте.
Инаку, Речникот на современиот мегленоромански дијалект е резултат на повеќе од десет години дијалектолошки истражувања, крунисувајќи го животното дело на професорот Петар Атанасов за зачувување на овој дијалект, кој е на работ на исчезнување. Претходните научни зафати на професорот Петар Атанасов се материјализирани во други трудови, некои од нив се објавени и од издавачката куќа на Романската академија, како што е Мегленороманскиот денес – 2002 година; Лингвистичкиот атлас на мегленороманскиот дијалект I, II – 2008 г.