ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ОД КОВИД НА НЕРВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ СЕ 10 ПАЦИЕНТИ, МОДУЛАРНАТА КОВИД БОЛНИЦА РАБОТИ КАКО ДНЕВНА 24 ЧАСА.
Министерството за здравство информираше дека новиот, Омикрон сој засега е откриен во 12 градови – Скопје – 48, Охрид – 27, Кочани – 7, Тетово – 6, Велес – 5, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци по 2 и Виница, Неготино, Битола по 1 заразен.
Како што не информираа од Општата болница во Гевгелија, моментално, во нервно-психијатриското одделение хоспитализирани се 10 пациенти, додека е зголемен бројот на дневни прегледи во ковид модуларната болница, која е на располагање на пациентите 24 часа.
Анализите покажуваат и дека последнава недела за 51% е зголемен бројот на нови случаи со Ковид-19. Најголем број од заразените се лица на возраст од 30-39 години (27%), 20-29 години (24) и 40-49 години (17%).
Во период од една недела односно од 3 до 9 јануари, пријавени се 946 реинфекции, со зголемување од 7 пати во однос на претходната недела.
Од Министерството за здравство посочуваат и дека според епидемиолошките анкети најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај 3 дена пред почетокот на симптомите или добивањето на позитивен резултат.