ВО ГЕВГЕЛИЈА ОДБЕЛЕЖАН 15 ОКТОМВРИ – МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА БЕЛИОТ СТАПНЕКА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА БИДЕ ЗЕМЈА БЕЗ БАРИЕРИ ЗА СЛЕПИТЕ ЛИЦА.

Националниот сојуз на слепите на Република Македонија денеска го одбележува 15 октомври – Меѓународниот ден на Белиот стап.
Мисијата на 15 октомври-Меѓународниот ден на Белиот стап-Симболот на слепиот човек-признат од Организацијата на Обединетите Нации (ООН) е да му покаже на светот дека и со слепилото се може, да покаже како слепите и слабовидните лица ширум светот живеат, работат, и независно придонесуваат за својата заедница.
По тој повод во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Гевгелија се одржа работна средба на членовите на Здружението на слабовидни лица од Гевгелија, а истовремено по трет пат се одржа и манифестацијата „Вешта жена“ на која беа изложени јадења подготвени од жените, членки на Здружението.
Еве што ни изјавија по повод Меѓународниот ден на Белиот стап, претседателот на Здружението, Трајко Делев и членот и делегат, Лазе Трајков.
„Ние не бараме посебни права. Бараме да бидеме видени и да го подигнеме својот глас. Ние не бараме привилегии. Ние бараме само да ни се овозможат сите оние компензациони права кои се цивилизациска придобивка на модерниот и развиениот свет, прокламирани со многубројни меѓународни документи, а пред се’ со Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на организацијата на Обединетите нации, ратификувана и потпишана и од Република Македонија.
Нека ова одбележување уште еднаш по којзнае кој пат не’ потсети и нека биде можност за слепите лица да се потврдат во поширокиот политичко и општествен живот на сите нивоа со цел подобар прогрес и напредок.
Сакаме да зборуваме за новите социјални услуги, како нега во домот и личен асистент. Со надеж дека отсега секој ден ќе биде 15-ти Октомври и дека вниманието кое го добиваме на овој ден, ќе го добиваме и секој следен. Со надеж дека очите на јавноста ќе бидат вперени во нас секој ден.
Нека Република Македонија биде земја без бариери за слепите лица.
Затоа што хуманоста не е доблест, туку обврска на секој од нас. Затоа што ние сме тука меѓу вас. Затоа што ништо за нас – без нас. И затоа што… Секому може да му се случи.“
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *