Проектот “Обука за гостопримство и готвење” беше реализиран минатиот месец во туристичкото место Метаморфозис, Грција.
Проектот имаше за цел усовршување на знаењата на учениците и стекнување на нови вештини за поголема конкурентност на пазарот на трудот како и интернационализација на училиштето.
Во проектот учествуваа група од 30 ученици и 6 стручни наставници од угостителско – туристичка струка од СОУ “Јосиф Јосифовски”- Гевгелија. Теоретскиот и практичниот дел од обуката, се одвиваше во просториите на хотелот “Голден Бич” како и на плажата пред самиот хотел.
Преку двонеделната практична настава учениците имаа можност да се стекнат со знаења и вештини за организацијата и менаџментот во ресторантското и угостителското работење во реални услови од секоја можна перспектива.
Предавач беше г-динот Димитрис Гиоумоукис, консултант од областа на туризмот и сопственик на патничка агенција од Солун.
Во вториот дел од проектот, учениците имаа теоретска и практична обука од областа на гастрономијата. Предавач беше г-динот Теодор Алексиу, бизнис консултант и претседател на Гастрономскиот клуб од Eпир и соработник во практичната настава професионалниот готвач Костас Геродимос.
Темите на обуката се однесуваа на: Историја на гастрономијата, Значењето на гастрономијата за развојот на туризмот, Гастрономијата како бизнис или професија која ја сакаме, Корисни трикови кои треба да ги знаеме за работа во ресторан, Корисни совети за одржлив развој на туристичката дестинација од аспект на гастрономијата.
Во практичниот дел од обуката, учениците учествуваа во подготовка на повеќе видови јадења од грчката кујна (грчка салата, салата ѕаѕики, пастицио,грчка пита гиро, колач портокалада, шпагети со ракчиња, поховани лигњи) , специјалитети од античката кујна (грчки лепчиња, салата од киноа, јагнешки котлети, свинско месо под вршник, античка баклава) дегустација на комплетно мени од јадења, подготвени со посебни техники од перидот на античките Грци.