На Третиот вонреден конгрес на Социјалистичката партија на Грција, одржан на 26 ноември 1924 година учествуваше и македонскиот револуционер Трифун Хаџијанев, револуционер роден во Воден, и тоа како делегат на воденската организација. На овој конгрес грчката партија ги прифати решенијата на Коминтерната за правото на самоопределување, а во таа смисла и за правото на македонскиот народ за создавање сопствена држава.
Основното нерешено национално прашање што се појавило во Грција по Балканските и Првата светска војна, секако било македонското национално прашање. Огромното мнозинство на населението што живело во егејскиот дел на Македонија било од негрчко потекло (77,50%) и традиционално живеело на македонска етнографско-историска територија. Ius solis (правото на македонската историска територија), како и ius civitas (правото на македонската нација), барало соодветно (македонско) третирање и решавање на македонското национално прашање. Правото на македонската историска територија, како и правото на македонската нација на сопствена земја, уште повеќе се засилувало зашто во корист на македонскиот народ пледирал и македонскиот историски легитимитет. Грчкото население што живеело во егејскиот дел на Македонија било реално малцинство и претставувало 22% од целокупното население во егејскиот дел на Македонија и само 10% од населението на етнографска Македонија.